21 септември, Битола – Осум дена, пет локации, 128 филмски наслови создавани низ целава планета од филмски уметници од над 50 земји во светот, подредени во 14 фестивалски програми. Фестивалските гости и публиката од Битола ќе понесат слики кои вечно ќе ги следат, ќе зборуваат за нив, ќе ги искористат можеби за некоја нова филмска сторија.

-Видовме како 40 години умееме да танцуваме со светлината, да ги допираме ѕвездите, да им говориме на облаците и да уживаме во она што како зрак ќе го фати објективот. Така поминаа и овие фестивалски денови, во овој дух во којшто покажавме дека никогаш не можете да говорите за одумирање ако ја имате во предвид моќта на здивот на животот, рече градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, која посака да следат уште многу успешни изданија на фестивалот во кои ќе всадиме нешто ново во иднината.