21 септември, Битола – Најпрво сакам да им честитам на организаторите на овој фестивал, на директорката Гена Теодосиевска и уметничкиот директор и селектор на главната програма Благој Куновски Доре на извонредниот фестивал, кој ја слави филмската уметност. Го славевме јубилејот на овој исклучително автентичен високо професионален и најстар фестивал во светот кој ја негува, ја почитува и ја вреднува креацијата на кинематограферите кои раскажуваат успешни приказни, но пред сѐ треба да имаме предвид дека филмот е визуелен медиум, а понекогаш станува и визуелна уметност кога е во рацете на вистинските мајстори, какви што имавме на овој фестивал. Благоја од една страна селекцијата на филмови ја направи многу пријатна, но од друга страна навистина тешка. Добрата страна, она што ни беше пријатно е тоа што гледавме многу добри филмови, но и со добра камера, а од друга страна тешко беше да се избере победникот. На крајот моравме да избереме, рече Ненад Дукиќ, кој се обрати од името на жирито.

Кинематограферот Џинсонг Донг ја доби „Сребрената камера 300“ за филмот „Езеро на дивите гуски“ поради, како што подвлекуваат од жирито „квалитетот на фотографијата, постигнат преку светло и бои, особено во ноќните сцени. Моќна стилизација на фотографијата и кошмарниот свет на ликовите кои ја збогатуваат приказната“.

Кинематограферот на филмот „Пирани“, Даниеле Ципри е добитник на „Бронзена камера 300“ поради устроениот натуралистички пристап, силата на кадрирање и светлото заедно со глаткото движење на камерата, а на Јоланта Дилевска, кинематографер на филмот „Ајка“ и е доделено посебно признание поради интуитивната употреба на камерата – пристап кој и визуелно и драматуршки ја изразува емоцијата на главниот лик.

-Не можев да допатувам во Битола да бидам вечерва со вас бидејќи го снимам мојот нов филм во Реџо Калабрија, но навистина многу ми е драго што ја добив оваа награда и многу сум благодарен. Како и секој филм и овој е колективен потфат и иако оваа награда ја заслужуваат повеќе луѓе, ќе си ја задржам само за себе. Се надевам дека следната година ќе можам да учествувам на фестивалот во Битола со свој сопствен филм, рече Даниеле Ципри во своето видео-обраќање по повод добиената награда.