21 септември, Битола – Вечерва, на затворањето на 40. јубилејно издание на ИФФК „Браќа Манаки“ на лауреатот на „Златна камера 300“ за животно дело, кинематограферот Јоргос Арванитис, свечено ќе му биде врачена наградата, а меѓународното жири ќе ги соопшти имињата на добитниците на Златна, Сребрена и Бронзена камера 300 за најдобри кинематографски остварувања од годинашната Главна селекција. Исто така ќе биде врачена и наградата „Мала камера 300“ за најдобриот кинематографер во селекцијата Кратки филмови. Веднаш потоа ќе се одржи специјална проекција на филмот „Манаки – приказна во слики“, чиј режисер и кинематографер е Роберт Јанкулоски и кој ја прикажува фотографската работа на Јанаки и Милтон Манаки и нивното големо творештво.

Вчера вечер, пак, свечено беа доделени и наградите кои се доделуваат првпат годинава – за најдобар ангажиран документарен филм, која ја доделува Општина Битола, и за најдобар филм според публиката од програмата Мак-поинт.

Тричленото жири кое одлучуваше за најдобар документарен филм, го награди „За Сама“ на режисерката и кинематограферка Ваад ал-Катеаб и кинематограферот Едвард Вотс, опишувајќи го како интимно и епско патување во време на војна, низ очите на една новинарка.

Користејќи ја камерата, новинарката ги има уловено драматичнните мигови во Алепо, Сирија, и страдањето на невините луѓе за време на стравотните бомбардирања и воените напади на градот.

-Заедно со градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, одлучивме да ја воведеме оваа награда на фестивалот, бидејќи на тој начин ја продолжуваме традицијата на браќата Манаки, кои се првите документаристи на овие простори. Се надевам дека овој пристап и однос кон нивното творештво ќе остане аманет и за оние кои и во иднина ќе бидат дел од овој фестивал и дека ќе го негуваат документарниот филм, рече Гена Теодосиевска, директорка на фестивалот.

Во програмата Мак-поинт, која ги прикажува најновите остварувања на македонските автори, публиката гласаше по секоја проекција и според нејзините гласови, победи филмот „Скопје 2020“ на режисерот Радован Петровиќ и кинематограферот Андреј Лембанов.

-Одлучивме да ја воведеме оваа награда и на тој начин дополнително да ја вклучиме публиката во фестивалот и во филмскиот свет. Се надевам дека наградата ќе ги мотивира младите македонски филмски професионалци да продолжат да творат и да бидат дел од Мак-поинт програмата, рече Ана Василевска, селекторка на оваа програма.

Френк Грибе, кинематографер на филмот „Лара“, кој беше прикажан во главната компетиција, денеска во разговор со Благој Куновски – Доре, селектор на програмата се потсети на своето прво доаѓање во Битола пред 24 години.

– Филмот „Лара“ има поестетски пристап и создава атмосфера со главниот лик која во Карлови Вари беше наградена како најдобра актерка. Неговиот последен филм е трета соработка со еден од најинтересните режисери и претставува германски филм со француска естетика. Вчера околу 450 луѓе го гледаат филмот и публиката остана до крајот на филмот, рече Куновски.

За тоа какво е чувството да се присуствува на проекција на која се исполнети седиштата, за естетиката на филмот и соработката со режисерот, Грибе рече дека им требало подолго време за да го најдат заедничкиот јазик со режисерот Јан-Оле Герстер.

-Откако на првиот ден за снимањето ја поставивме камерата и почнавме да се движиме, следниот ден режисерот рече дека треба да бидеме статични и така продолживме да снимаме до крајот на филмот со статични кадри. Зборувавме при снимањето за работата на Бергман и Антониони и нивното влијание може да се почувствува во филмот, рече Грибе.

Во филмот се мешаат трагедија и комедија, а поголемиот дел од тоа е содржано во сценариото, кое е старо 10 години. Сценаристот доаѓа од Словенија, Блаш Кутин, и тој ја раскажа приказната за Лара, која го слави 60-от роденден и во таа посебна вечер нејзиниот син ќе одржи дебитантски пијано-концерт. Лара ја зацртала неговата музичка кариера, но на настапот не е добредојдена…

-Снимањето на филмот почна со стариот професор, а сцените од концертот се снимаа подоцна, бидејќи во салата постојано се одржуваа некакви настани и немавме многу време за снимање, така што работевме 33 дена, со буџет од 3 милиони евра, објасни Грибе.

Минатогодишниот добитник на „Сребрена камера 300“ дојде во Битола за да ги поддржи своите пријатели Лакман и Арванитис

Ерик Готје, кинематографер кој минатата година на фестивалот „Браќа Манаки“ ја доби наградата „Сребрена камера 300“ допатува во Битола и денеска сподели искуства од учеството на фестивалите во Венеција, Кан и овде во Битола.

-Секогаш е задоволство да се биде во Битола. Благодарен сум што ме побаравте да бидам член на жирито, но поради обврски не можев да учествувам, а еве направив напор да дојдам на свеченото затворање на фестивалот. Овде се запознавам со многу кинематографери, драго ми е што Ед Лахман и Арванитис имаа специјални проекции во нивна чест, бидејќи тие се мои пријатели и колеги кои многу ги ценам, и каде би дошол на друго место ако не овде – на местото каде се спојуваат кинематограферите, рече Готје.

Константин Есаѕе, кинематографер на филмот „Деде“ во разговор со Слаѓан Пенев, во рамки на програмата „Грузија – земја во фокус“ разговараше за предизвиците при снимањето.

Филмот раскажува приказна за една жена и три мажи. Дина може да ги предизвика строгите традиции на длабокиот Кавказ, но дали ќе издржи нејзиниот дух?

-Ова е одличен фестивал за кинематографери, но каде е мојата награда?, се пошегува на почетокот Константин. Мојот германски колега, кој пред мене беше овде рече дека 1 милион долари е мал буџет, па би сакал да прашам каков буџет е 100.000 евра? Патувавме низ Кавказ, баравме локации за снимање во текот на три сезони: зима, пролет и есен. Поради малиот буџет моравме да набавиме евтина камера, тоа е АGASO. Дали некој слушнал за ваква камера? Мислам дека не. Тоа е многу евтина камера, но филмот го снимивме со неа. Поради временските неприлики, на Кавказ е многу студено и имаше многу снег, сите се разболевме, но успеавме да го завршиме филмот, рече Есаѕе.

Од програмата за „Кратки филмови“ Тим Кун, кинематографер на филмот „Јупитер“ и Алберто Маркиори, кинематографер на филмот „Одложен лет“ разговараа со селекторката Марија Апчевска.

Тим Кун раскажа дека снимале на Алпите со камера „Алекса“ и затоа има колорит во филмот. Приказната што ја раскажува филмот е за членови на култ кои ќе извршат самоубиство. Тинејџерката која патува со своето семејство до една оддалечена колиба во Алпите, подоцна треба да одлучи дали ќе го следи сопствениот пат или патот на своите родители.

Филмот „Одложен лет“, пак, е дело на кинематограферот Алберто Маркиори и тој денеска ја разреши дилемата за отворениот крај на филмот. Всушност, гледачот крајот на филмот го гледа преку перспективата на таткото.

-Филмот има за цел да ги натера луѓето да размислуваат за одговорноста која ја имаат како родители. Кога режисерот Али Асгари ми го даде сценариото веднаш ми се допадна и снимив две сцени. Таткото со две деца ќе задоцни на својот лет и додека го чекаат следниот се случува пресврт кој ќе ја смени неговата гледна точка околу тоа што значи да се биде татко, раскажа Маркиори.

Фестивалот „Браќа Манаки“ се придружи на кампањата „Гласно против гласини“ на ОБСЕ, најави директорката на фестивалот Гена Теодосиевска пред проекцијата на филмот „Женско задоволство“ од документарната програма. Гласините се верувања што не се базираат на факти, туку на тоа што многу луѓе веруваат во нив. Преку нив се пренесуваат и зацврстуваат штетните стереотипи и предрасуди против жените. Фестивалот „Браќа Манаки“ секогаш праќа силна порака за родова еднаквост, и чест ни е што со годините бројот на жени-авторки застапени на фестивалот, и режисерки и кинематограферки, е во постојан пораст.

Дебата за ЛГБТИ-културата

Во рамки на придружната програма се одржа и разговор за ЛГБТИ-културата по повод документарниот филм „Џонатан Агаси ми го спаси животот“. Синоќешната проекција на документарниот филм „Џонатан Агаси ми го спаси животот“ на Томер Хејман, беше повод за разговорот за ЛГБТИ-културата, што се одржа денес напладне во Магаза во Битола. Дебатираа Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет, и Кочо Андоновски, директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка, а разговорот го модерираше новинарот Борјан Јовановски. Сторијата на „Џонатан Агаси ми го спаси животот“ ја третира потиснатата сексуалност на припадниците на геј-заедницата.

Јовановски го започна разговорот со неговото искуство од реализација на документарец во Мадрид, Шпанија, кој се занимава со толерантноста на шпанското општество, инаку доминантно католичко и конзервативно, кон припадниците на геј-заедницата. Тој спомена дека и фестивалот „Браќа Манаки“ беше отворен со филмот „Болка и слава“, чиј автор Педро Алмодовар често реферира на оваа тема во неговите филмови.

Кочо Андоновски го поврза стравот од насилство, како главна тема во филмот, со актуелната кампања „Сега кажувам“, во која жените го исповедаат нивното искуство со сексуалното насилство на кое биле подложени. Тој посочи дека односите во семејството и на училиште се главните генератори на стравот од насилство, вербално и физичко, кај припадниците на геј-заедницата.

-Припадниците на ЛГБТИ-заедницата често бараат ескапизам во дрогата и алкохолот заради отфрленоста од родителите и соучениците. Оттаму, голем број гејови развиваат и живеат два идентитети, вели Андоновски.

Уранија Пировска се потсети на нејзиното доаѓање во Хелсиншкиот комитет во 2012 година, кога не ѝ биле познати сите сегменти од животот на ЛГБТИ-заедницата, бруталноста на која биле подложни нејзините припадници, и отфрленоста од нивните семејства.

-ЛГБТИ-културата кај нас во тој период беше невидлива, иако постоеше, и почна да се еманципира. Го отворивме ЛГБТИ Центарот за правна поддршка и „сигурна куќа“ која ги згрижува жртвите. Годинава ја организиравме и „Парадата на гордоста“, посочи Пировска.