20 септември, Битола – Оддавањето почит кон делото на браќата Манаки и посетата на гробот на Милтон Манаки на Влашките гробишта во Битола е традиција која ИФФК „Браќа Манаки“ заедно со домаќините од Комуната на Власите и Советот на Општина Битола ја одржува со години.

Добредојде на гостите во комплексот на Влашките гробишта им посака Стефан Хаџи-Андоноски, кој потсети дека во Битола се наоѓа гробот на Милтон, додека Јанаки Манаки е погребан во Солун. Додаде дека годинава навршија 55 години од смртта на Милтон Манаки.

-На ова место пред 40 години, кога организиравме комеморација за Милтон Манаки, ја покренавме иницијативата за вечен спомен на големото дело на Манакиеви. Така се роди идејата за Манакиевите средби кои прераснаа во Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, објасни Стефан Хаџи-Андоноски.

Директорката на 40. ИФФК „Браќа Манаки“, Гена Теодосиевска, изразувајќи почит кон делото на браќата Манаки упати благодарност и со сите кои даваат несебична поддршка во одржувањето на Фестивалот, како Општина Битола, Министерството за култура, Агенцијата за филм, сите културни институции во Битола и, секако, граѓаните и публиката во Битола.

Кинематограферот и лауреат Јоргос Арванитис, поклонувајќи се на гробот на Милтон Манаки, рече дека треба да се продолжи да се негува творештвото и делото на браќата Манаки и се потсети дека пред повеќе од 10 години бил присутен на истото место само на еден ден, кога заедно со режисерот Тео Ангелопулос направиле снимки за потребите на филмот „Ulysses Gaze“. Тој ден во Битола имало голем снег, а сега забележал дека градот е сосема поинаков од тогашното време.

Делегацијата на Советот на Општина Битола беше предводена од Валентин Груевски, а присутни беа и советниците Биљана Поповска и Иванчо Тошевски. Почит кон делото на Милтон Манаки оддадоа и Пол Рене Ростад, претседател на Бордот на ИМАГО, кинематограферот Рајнер Клаусман, членовите на фестивалското жири Доминик Велински и Фејми Даут, уметничкиот директор на фестивалот Благоја Куновски – Доре, како и други кинематографери, автори и гости на 40. ИФФК „Браќа Манаки“.

Глеб Филатов, кинематографер на рускиот филм „Бикот“, кој е во Главната компетиција за Камера 300, денеска на средбата со новинарите говореше за идејата за неговото снимање, соработката со актерите, финансирањето филмови во Русија…

-Ова е млад кинематографер од Русија, кој на експлозивен начин ги доловува проблемите во Русија, особено приказните од подземјето. Во овој филм има една суштинска енергија и заедно со „Клетници“, „Пирани“, „Езерото на дивите гуски“ и уште неколку филмови кои беа прикажани на ИФФК „Браќа Манаки“ говорат за локалните злосторнички банди. Во „Бикот“ се гледа декаденцијата на општеството во ерата на Елцин, рече Благој Куновски -Доре, селектор на Главната програма и уметнички директор на фестивалот.

Филатов рече дека проектот почнал како резултат на долгогодишна соработка со режисерот Борис Акопов, со кој снимиле неколку кратки филмови каде научил да држи долг кадар и морал да сними сцена само во еден кадар. Во однос на влијанието врз него како автор, Филатов наброи неколку референци.

-„Dallas Buyers Club“ имаше најголемо влијание на мене за да почнам да снимам, бидејќи изгледа како лесно да е снимен, естетиката е агресивна, но ја раскажува на лесен начин со лесно природно светло и сето ова станало моја референца при работењето. Исто така и филмот „Добри времиња“, во кој кинематограферката Лиса Фати, која од Франција дојде во Русија, сними одлични сцени речиси без никакво светло и затоа тоа делува едукативно и поттикнувачки. Додека во однос на режисерските референци тоа е телевизиската серија на Стивен Содерберг „The Knick“, каде се прави историска слика со подинамична камера и повеќе движења, објасни Глеб.

Филмот е финансиран од Министерството за култура на Русија со 25 милиони рубљи, тоа се 400.000 долари и тоа за нив било добро бидејќи, како што вели Глеб, конечно можеле да работат.

-Додека немаше буџет ние сите седевме дома и си ги скициравме кадрите. Но потоа баравме локации за снимање со сопствени возила… буквално беше направен како студентски филм, се подготвувавме седум месеци и затоа можевме да си го дозволиме ваквиот тек на подготовка на снимањето. Сметам дека е важно каде, колку и кога ќе снимате и затоа филмот изгледа толку професионално, иако не се вложени многу пари, рече Филатов.

Во рамки на програмата на „Браќа Манаки“ се одржаа и Филмски разговори со неколкумина филмски автори во организација на МЕДИА Деск МК на Креативна Европа. Пред почетокот на сесијата, на присутните им се обрати Гена Теодосиевска, директор на фестивалот, која рече дека за неа успех е ова издание на фестивалот „Браќа Манаки“ со сите автори, филмови и средби кои се случија сите овие изминати фестивалски денови.

„Среќна сум што автори, како нашиот гостин Рајнер Клаусман, се дел од оваа сесија и се дел од успехот на овој фестивал. А вистинскиот успех не се мери туку се чувствува“, рече Теодосиевска.

Темата на разговорот беше успехот и што претставува тој, фестивалски награди или полни кино сали? Дали номинација за награда е доволно признание за успешен филм и колку наградите се замка за идните проекти?

Сесијата Филмски разговори се одржа прв пат во рамките на фестивалот „Браќа Манаки“. Хрватската монтажерка и режисерка Дубравка Туриќ, Макс Цале германски режисер, Елеонора Венинова македонска режисерка и монтажерка и кинематограферот Рајнер Клаусман отворено зборуваа за успесите и неуспесите во нивната кариера.

„Одлучив да работам само со Фатих Акин и веќе не прифаќам понуди од други режисери. За мене најголем успех е да имам време да го работам она што го сакам и единствено со луѓе што ги сакам“ – раскажуваше Клаусман за неговите аспекти на успех.

Филмските разговори се корисни бидејќи имаат моќ да пренесат лични приказни и доживеани искуства. Тезата за тоа што е успех е дискутабилна, а за дискутабилните нешта секогаш ќе има потреба да се зборува. Разговорите ги водеше Бистра Георгиева, претставник на МЕДИА Деск МК, а настанот беше во ко-организација со МЕДИА Деск од Хрватска и Германија.

Изминатите два дена се одржа и Балканската конференција на ИМАГО, меѓународната асоцијација на кинематографери, на која присуствуваше и претседателот Пол Рене Ростад, како и претставници на повеќе национални асоцијации на кинематографери.

Во организација на Агенцијата за филм, деновиве во Битола се одржува интензивната работилница за развивање идеи за филм (на програмата LESS IS MORE).

Работилницата „Prewriting workshop“ во Македонија се одржува врз основа на воспоставеното едногодишно партнерство на Агенцијата за филм и „Le Groupe Ouest“, која е основач на европската програма за развој за долгометражен игран филм LESS IS MORE.

Ментори на работилницата беа Пјер Хоџсон и Нолвен Гуизиу, а учествуваа шестмина македонски автори и тројца автори од регионот (Црна Гора, Словенија и Хрватска).

Учесниците на оваа петдневна интензивна работилница имаа уникатна можност преку креативни и оригинални вежби да ги развиваат своите идеи. Карактеристично за оваа работилница е тоа што, преку искуството на менторите и претходно утврдената програма, има оригинални начини за анализа на карактерите и дејствијата во идеите за филмови, преку кои учеснците ги подобруваат своите вештини за развој на приказните и се здобиваат со знаења за тоа како да постигнат поголема оригиналност, автентичност и атрактивност на своите идни филмови.

Во склоп на оваа програма, од страна на Агенцијата за филм во соработка со LESS IS MORE беше организиран и една мастер клас отворен за јавноста, на која Пјер Хоџсон говореше за новите начини за развој на сценарио. Гостин беше и нашиот режисер и сценарист Ѓорче Ставрески, кој го сподели своето искуство за учеството во годишната тренинг програма.

Денешна атракција на фестивалот беше презентацијата на „Easyrig“, компанија од Шведска која произведува помагало за сниматели кое се става на грб и ја презема тежината на камерата.Од компанијата тука се Јохан Хелстен, Расмус Рам и нивниот претставник од Словенија, Марјан Церар.

Во дополнителната програма во рамките на фестивалот „Браќа Манаки“ тркалезна маса одржа ПИНА на тема: „Жените новинари и предизвиците во ризични ситуации“.

-Оваа година по трет пат ќе одржиме фестивал, посветен на истражувачкото новинарство, истакна Кристина Озимец, која беше модератор на настанот.

Од жените новинарки кои во својата работа се соочиле со високо ризични ситуации присуствуваа Милка Смилевска, Душица Мрѓа и Елеонора Мемети. Секоја од нив се осврна на своето искуство. Смилевска говореше за искуствата од известувањето за бегалската криза на грчко-македонската граница, а Мрѓа за искуствата од случувањата на 27 април во републичкото собрание.