Три краткометражни македонски филмови од минатогодишните селекции на ИФФК „Браќа Манаки“ беа прикажани на 19 јули, на вториот фестивалски ден од „Бич филм фестивал“ што се одржа од 18-21 јули во Охрид.

Филмовите „Без љубов“ на Дина Дума, „Малина“ на Анастасија Лазарова Пилинг и „Почеток“ на Агим Абдула имаа проекција на големото платно на плажата Оревче, во 22.40 по проекцијата на филмот во официјална конкуренциија.

Филмовите и фестивалот „Браќа Манаки“ беа најавени соодветно а бројната љубопитна публика беше информирана од селекторката на овие три филма Ана Василевска за благородната идеја на фестивалот кој ги слави кинематограферите а во пресрет на своето 40. Издание со патувачкото кино гостува на неколку фестивали низ земјата со намера публиката која не била во можност минатата година да биде во Битола да погледне мал дел од богатата програма.

„Особено задоволство е кога еден светски афирмиран фестивал со многугодишна традиција, во пресрет на својот јубилеј од 40 години, соработува и гостува на еден фестивал во зародиш. Патувачкото кино годинава е осмислено публиката низ земјава и филмските сладокусци да погледнат ма дел од богатата програма на „Браќа Манаки“ и секако да бидат провоцирани да го посетат фестивалот “Браќа Манаки“ во септември во Битола. Младата публика е иднината на сите фестивали и на славење на кинематографијата. Оваа соработка беше овозможена како дел од програмта на Медиа Креативна Европа македонски деск“, и без никаква заддршка филмовите што ќе ги видите вечерва од македонската продукција може да се каже дека се дел од европската кинематографија , беше кажано меѓудругото во највата од страна на Василевска пред почетокот на проекциите.

Во прекрасен амбиент на плажата Оревче и во позитивна атмосфера со бројна публика од близу 300 посетители во која доминираа млади луѓе протече проекцијата на трите филма. Аплаузи следеа по секој филм а на гостите им беше предложено да се вклучат во дискусија по филмовите. Со оглед на тоа што веќе изминаа проекции на кратки филмови и еден долгометражен филм, концентрација за дискусија немаше. Сепак авторите кои беа присутни во неформална дружба со посетителите разговараа за филмовите.

Сосема случајно, темите на филмовите селектирани од “Браќа Манаки“ сосема коинцидираа со филмовите што беа прикажани пред нив па се заокружи една убава фестивалска вечер а оваа соработка може да прерасне и во традиција. Модерниот израз во македонскиот филм и селекциите што се праваат на домашната кинематографија на битолскиот фестивал докажаа дека македонската кинематографија воопшто не заостанува зад европскиот актулелен филмски израз и истата е нераскинлив дел од неа.