-Роден на 31 Март, 1948 во Мористаун/Morristown  , Њу Џерси/New Jersey   , САД

-Студирал на Универзитетот во Харвард (ВА, 1965), потоа продолжил со школувањето на Универзитетот во Тур/Tours, Франција, а во 1969 дипломирал сликарство (BFA, Painting) на Универзитетот во Охајо/Ohio.

-Ед Лакман е со децении во врвот на американските и светските кинематографери, со неколку филмови  Оскаровски кандидати, за кои требаше да добие макар еден Оскар, но заврши со 2 Номинации. Затоа Фестивалот Браќа Манаки токму на својот Јубилеј со задоволство му го дава нашиот “Оскар”-ЗЛАТНАТА КАМЕРА 300 ЗА ЖИВОТЕН ОПУС, што тој апсолутно го заслужи. Иако физички хендикепиран, тој импресионира со својата креативна енергија, од неговите почетоци на стартот на 1970, до најновите 3 целовечерни играни проекти, снимајки по неколку филмови во една година, со над 80 досега. Тој е еден од ретките кинематографери, кој покрај својата базична вокација се покажал и како добар режисер потпишувајќи 10 филмови, скоро 20 пати и во улога на снимател-камерман во филмови, во кои негови колеги, некои и наши лауреати, се кинематографери, а и тој во двојството на кинематографер-режисер, со посебната љубов кон документарниот филм (кратки, среднометражни и целовечерни), при што скоро половината од неговиот опус се од документарниот жанр, снимајки и режирајќи и за ТВ, како и видео-комерцијални спотови. Работејќи со многу режисери, неговиот креативен израз го красат разновидни стилови кои се во зависност од играната или документарната форма, прилагодувајќи се и на креативниот процес и сензибилитет на конкретниот режисер.

Ед Лакман, со нашата Златна Камера 300 за Животен Опус, како секако една од најзначајните во неговата кариера, досега вкнижува 41 светска награда, плус 42 Номинации. Од Номинациите му се најмаркантни оние за Оскарите, на двапати на нивен дофат, со ремек делата: ДАЛЕКУ ОД НЕБЕСАТА/FAR FROM HEAVEN (Номинација за Оскар за најдобар кинематографер во 2002) и КЕРОЛ/CAROL (Номинација за Оскар во 2015), обата филма во режија на Тод Хејнис/Todd Haynes , со кого Лакман има најплодна и најефектна соработка, сочинувајќи го со него светски познатото дуо/тандем: кинематографер-режисер.  Во меѓувреме и третиот филм снимен со режисерот Хејнис,  ЈАС НЕ СУМ ТАМУ/I AM NOT THERE (2007) беше исто така потенцијален кандидат за Оскар со сите специфики во изразот на Лакман во црно-белата и колор фотографијата. Иако за КЕРОЛ најмногу го заслужи Оскарот, сепак сатисфакција доби што за него ја освои БАФТА Наградата во 2016 како и годишната награда на BSC/British Society of Cinematographers,  а во 2017, ASC/American Society of Cinematographers, му ја додели наградата за животно дело. Пред да го завршат најновиот фимски проект, кој треба да се појави следната година, тандемот Лакман-Хејнис имаше уште една плодна соработка во нивниот фактички до сега последен филм од 2017, во оригиналниот наслов WONDERSTRUCK, а во преводот се користи алтернативниот  наслов МУЗЕЈ НА ЧУДАТА. Со Џулиен Мур како мајка на едното  од  две глуви деца кои се во потрага по своите родители и кои се среќаваат по 50 години во Њујорк, а оваа бајковита драма Лакман визуелно ја креира  разиграно, со  спектакуларно финале во Музејот на чудата.

-Исто така, значаен антологиски филм во богатиот опус на Лакман е ЕРИН БРОКОВИЧ/ERIN BROKOVICH (2000) на режисерот Стивен Содерберг, што на одличната актерка Џулиа Робертс и’ донесе 3 големи награди: Оскарот за најдобра главна женска улога, Златниот Глобус  и Наградата БАФТА.

Од другите американски режисери со кои Лакман соработувал како кинематографер во нивните  антологиски  филмови, ги спомнувам:  Лери Кларк/Larry Clark, со кого во двојството на режисери и кинематографери го снимаат култниот филм  КЕН ПАРК/KEN PARK  (2002); Роберт Алтман/Robert Altman  во филмот ДРУЖИНА ОД ПРЕРИЈАТА/ A PRAIRIE HOME COMPANION (2005); Пол Шредер/Paul Schrader  со двата  филма: ДОПИР/TOUCH (1996) и  СПИЈАЧ НА СВЕТЛИНА/LIGHT SLEEPER (1991); Сузан Сајделман/Susan Seidelman  со исто така култниот филм, њујоркшката комедија во која е лансирана Мадона како актерско откритие- ОЧАЈНИЧКИ БАРАЈЌИ ЈА СУЗАН/DESPERATELY SEEKING SUSAN (1985).

Лакман е традиционално сврзан и за Европскиот филм, стартна шанса му дава Вернер Херцог со кого ќе сними 2 документарци на почетокот на 1970-те, а потоа во 1976 Херцог ќе го ангажира и за снимател на неговиот филм СТРОЦЕК, во кој кинематографер е Томас Маух. Со другиот германски великан Вим Вендерс  ќе соработува во 1979, кога заедно со кинематограферот Мартин Шефер/Martin Schafer,  во тандем ќе го снимаат исто така антологискиот документаристички портрет СВЕТЛЕЕЊЕ НАД ВОДА-ФИЛМ НА НИК, што тогаш предсмртно како филмски портрет-тестамент за себе, Николас  Реј ќе го ко-режира со Вендерс.  Повторно  како кинематографер ќе соработува со Вендерс  во неговиот антологиски документарен филм  TOKYO-GA/A TOKYO STORY (1983). Во Австрија ќе соработува со нему по документаристичкиот сензибилтет близок-режисерот Улрих Зајдл во 4 филмови: доку-играниот  IMPORT/EXPORT (2005), по што следи  сродната трилогија на заедничкиот именител РАЈ:  РАЈ ЉУБОВ (2009), РАЈ ВЕРА (2009) и РАЈ НАДЕЖ (2009). Во Лондон ќе соработува со режисерот Ханиф Куреши во филмот ЛОНДОН МЕ УБИВА (1991),  а со британскиот режисер Марек Каниевска  ќе го снима неговиот американски филм, ПОМАЛКУ ОД НУЛА (1987), потоа ќе снима и со индиската режисерка од светски глас Мира Наир во филмот МИСИСИПИ МАСАЛА (1990).

Во 1982 Ед Лакман и како режисер продуцент го сними едночасовниот документарец РАПОРТ ОД ХОЛИВУД, а долгометражниот филм МАЈКА ТЕРЕЗА (1985) гo снимаше скоро 5 години со неколку колеги, за потоа да стане многукратен светски фестивалски лауреат.

Имајќи го за нов Лауреат на Златната Камера 300 за Животен Опус, со инспиративната димензија на неговата неуморна творечка енергија и со сета негова хумана, алтруистичка благородност-во ликот на Ед ЛАКМАН, прославата на  40 Јубилеј на Браќа Манаки, добива најсоодветен чин на воспевање на уметноста на кинематограферите.

Скопје, Јуни, 2019

Благоја Куновски Доре