Првите 40 години на ИФФК „Браќа Манаки“

///Првите 40 години на ИФФК „Браќа Манаки“

Првите 40 години на ИФФК „Браќа Манаки“

На денешен ден, 23 април 1979 година се одржаа првите Денови на филмската камера „МИЛТОН МАНАКИ“.
Одржувањето на оваа врвна филмска манифестација во Битола, денес е бренд на градот и Републиката и е вистинско место за една ваква манифестација на филмската култура.

Одржувањето, односно иницијативата за една ваква манифестација се случи спонтано како резултат на одбележувањето на 15 годишнината од смртта на Милтон Манаки на 5. март 1979 година на манифестацијата која по тој повод, а во организација на Кино клубот „Милтон Манаки“ кој тогаш работеше при Работничкиот универзитет, а денес при Народна техника, ја организираше комеморацијата на комплексот Влашки гробишта каде што е вечното почивалиште на еден од браќата Манаки-Милтон. Со полагање на цвеќе и други активности беше одбележан овој ден. На самата манифестација присуствуваа претставници и филмски работници од Кинотеката на Македонија, Друштвото на филмските работници на Македонија, Вардар филм, Кино клубот „Милтон Манаки“, Општината СИЗ за култура, членови на семејството на Милтон, неговиот син Леонида, како и други поканети гости и познавачи на делото на Манакиеви. По одржаната комеморација и положеното свежо цвеќе на гробот на Милтон Манаки, беа искажани многу зборови од страна на присутните, но и споделување на сеќавања на нивните средби со Милтон. После комеморацијата присутните гости се упатија во Хотелот „Епинал“ по покана на тогашниот претседател на градот, Павле Горгиевски. Се поведе разговор за значењето на пионерското дело на Милтон и Јанаки Манаки а присутните; Димитрие Османли, режисер на филм за Манакиеви, Ацо Петровски и Илинденка Петрушева од Кинотеката на Македонија, Александар Ѓурчинов, претседател на Друштвото на филмските работници на Македонија, како и снимателите Киро Билбиловски и Мишо Самоиловски, Коста Крпач од „Вардар Филм“, Кире Панчевски од СИЗ за култура на Битола, како и другите гости во еден неврзан но, сепак принципиелен разговор предложија Битола да биде организатор на една филмска манифестација во чест на големото Манакиево дело. Претседателот Горгиевски ја подржа идејата и предложи што поскоро да биде организирана една средба на филмските сниматели од Југославија. Сите присутни на разговорот ја прифатија идејата и предложија да бидат организирани ДЕНОВИ НА ФИЛМСКАТА КАМЕРА-МИЛТОН МАНАКИ. Околу деновите на одржување на оваа средба беше предложено доколку е тоа можно средбата да се организира по повод отворањето на Битолскиот Унверзитет на 24 април 1979 ,но тоа би зависело и од самата организација на ваквата манифестација. Директорот на Кинотеката на Македонија Ацо Петровски како и сите други гости од Скопје рекоа дека сето тоа е можно да се организира. Првите денови на филмската камера-Милтон Манаки беше одлучено да бидат организирани од 23-25 април 1979 година во киното „Трудбеник“, како најсоодветното кино во градот.

Од страна на Кинотеката и Друштвото на филмските работници и градот Битола, беше формиран организационен одбор и веќе спроти денот од формирањето на Битолскиот универзитет-денес Универзитет „Св.Климент Охридски“ се организиаа Деновите на фиклмската камера-Милтон Манаки. За оваа манифестација беше изготвена посебна програма во три сегменти на активности и тоа;

1.Тркалезна маса на која со свои излагања на стапија; Горги Василевски со рефератот-„Творечката улога на камерата“, Никола Мајдак со темата „Креативната можност на филмската камера“, Севан Јовичиќ со темата „Улогата на филмските сниматели во југословенскиот филм“ и Мирослав Чепиџиќ со темата „Камерата во македонскиот филм“.

2.Втората фестивалска програма беше посветена на „Вечер на југословенскиот кусометражен филм“ на чија проекција беа претставени најдобрите филмски дела на врвни сниматели од Југославија.

3.Главната и најинтересна програма на Деновите беше Вечер на снимателите – „МОЈАТА НАЈДРАГА КАМЕРА“ на која учесниците, познати сниматели од Југославија, беа претставени со нивните продукции од југословенската кинематографија. Тогаш со свои остварувања се претставија; Мика Поповиќ, Киро Билбиловски, Иван Маринчек, Едо Богданиќ, Ненад Јововиќ, Никола Мајдак, Зијо Бачевиќ, Александар Танасковиќ, Мишо Самоиловски, Петар Лаловиќ, Радо Ликон, Данило Шукало, Данило Бренес и други, кои и ден денес ги препознаваме како врвни сниматели од сите познати филмски центри во Југославија. Карактеристично за оваа вечер е тоа што на познатиот снимател МИХАЈЛО-МИКА АЛ.ПОПОВИЌ му беше врачена плакета и прогласен беше за ДОАЈЕН на средбите што се продолжи со оваа иницијатива и на останатите средби.
На свеченото отворање на Средбите присуствуваа многу гости од филмските центри како и оние гости кои присуствуваа по повод отворањето на Универзитетот во Битола. На почетокот гостите ги поздрави Александар Ѓурчинов од страна на организаторот, Друштвото на филмските работници на Македонија, како и претседателот на градот, Павле Горгиевски, кој истакна дека одржувањето на овие средби треба да стане традиција за Битола, како еден белег на Манакиевото дело. Исто така во организација на Кинотеката на почетокот беа прикажани и избор од филмскиот фонд на Манаки кој денес се чува во Кинотеката на Македонија и претставува културно богатство и драгоцено наследство на државата.

Навистина во овој изминат четриесетгодишен јубилеј на фестивалот кој стана препознатлив во кругот на филмските кинематографери е вистински бренд на Битола заедно со останатите филмски манифестации кои се организираат денес и не случајно Битола е ставена на листата на градови под заштита на УНЕСКО како филмски град.

СТЕФАН ХАЏИ АНДОНОВСКИ
филмски историчар

2019-04-23T16:44:42+00:0023rd април 2019|Прес, Соопштенија|