26 март, Скопје – На денешната прва прес конференција, годинава, посветена на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, директорката Гена Теодосиевска информираше за големото признание за фестивалот – „Кристално око на ИМАГО“, награда што на фестивалот му ја додели Меѓународната  асоцијација на кинематограферите – ИМАГО за исклучителен придонес во промоцијата на филмската уметност.

„Колку се значајни наградите на ИМАГО потврдува фактот дека  веднаш по нивнато доделување во Белград минатата недела, досега се објавени близу 120 написи во влијателни дневни весници во Европа и САД и Канада, повеќе од 12.000 постови  на Фејсбук и 7.000 фотографии на Инстаграм, само оваа недела.  Исто така, претседателите на Националната секција од секоја земја,  неделава ги објавуваат наградите на своите колеги со свое видување на настанот .

Оваа награда е уште едно големо и меѓународно признание за пионерската активност на Јанаки и Милтон Манаки, потврда за  напорите на сите оние кои што го покренале овој фестивал пред 40 години, дружина храбри филмски автори и вљубеници во филмската уметност, луѓе со визија. Таквите и денес се ретки. Но, оваа награда е и доказ дека оние кои го следеле патот на основоположниците и му ја вградиле современата форма на презентацијата на филмската уметност не изгубиле време, тие нивни ангажмани ги согледуваме на секое ново издание на фестивалот. Ние го продолжуваме нивниот сон и го додаваме нашиот.

Првата апликација за членство на македонските кинематографери во ИМАГО, во 1996 година била испратена благодарение на сегашниот директор на Агнцијата за филм, Горјан Тозија и тогашната директорка на Кинотека на Македонија, Весна Масловариќ и оттогаш македонските кинематографери се членови на оваа значајна асоцијација“, рече Теодосиевска.

Свеченоста на доделувањето на наградите на ИМАГО се одржа на 17 март во Југословенската кинотека во Белград. Ова беше втора ваква манифестација, по првата која се одржа во Хелсинки, Финска. Наградите на ИМАГО се доделуваат биенално, секогаш во различни држави.

„Заедно со Благоја Куновски бевме дел од еден за фестивалот исклучителен настан. Наградата ни беше врачена од нашиот долгогодишен пријател почесниот претседател на ИМАГО Најџел Валтерс кој со голема  љубов зборуваше за фестивалот. Бевме заедно со великани во филмската професија и уметност . Оскаровци и номинирани за Оскар, но и меѓу оние филмски работници и творци кои никогаш не очекуваат награди, само со безрезервна посветеност го работат она што најдоброи го знаат, а ИМАГО тоа умее да го препознае.

Така се однесуваме и ние, се обидуваме и често ги проепознаваме оние кои треба да ги наградиме. Затоа и ИМАГО го препознал тоа во ИФФК „Браќа Манаки“.  ИМАГО вклучува повеќе од 50 национални здруженија на сите континенти и има повеќе од 4000 активни членови. Кај нас во ИМАГО членува националната секција на кинематограферите при ДФРМ“, рече Теодосеивеска.

Наградени беа и оскаровецот Дејвид Стамп, кинематографер и стереографер, но познат и како Супервизор за специјални ефекти, Комер Клеин , кинематографер од Белгија со пионер во создавањето на дигиталната слика во филмот и и прв во 1996 година се осмелил да направи филм во повеќе од 2К,  харизматичниот Ед Лахман кинематографер , номинираната за Оскар Рејчел Морисон  за филмот Заблуда ( Мудбоунд), првата жена кинематографер  номинирана во оваа категорија во деветдецениското постоење на овие награди . Беа доделени  4 специјални награди и номинации во 5 категории и една награда за најдобра камера во игран филм и за лауретатот на „Браќа Манаки“, Роџер Дикинс.

Благој Куновски – Доре, уметнички директор на фестивалот истакна дека оваа награда му припаѓа на нашиот фестивал која ја задолжи светската кинематографија, особено во доменот на најзначајните уметници во доменот на филмот, бидејќи без кинематограферите не може да се направи филм.

„Ова награда во годините што следат ќе станува уште позначајна и веројатно ќе ги корегира грешките или гафовите на Американската академија, која мисли дека кинематограферите се некои што работат во позадина.

Наградата на ИМАГО не само што ја доделуваат како најпрофесионални и најкомпетентни за своите колеги, знаејќи ја специфичноста и тежината  на уметноста на кинематограферите и дотолку повеќе секој од нив како лауреат ја има тежината и е свесен дека од своите колеги добива  Оскар. За мене оваа Кристално око е повреден и од Оскарот, кога станува збор за вреднувањето на уметноста на кинематограферите.

Оваа награда и за нас како фестивал е признаие и триумф за сите генерации и повеќе од Оскар бидејќи ИМАГО е исклучително значајна асоцијација“, рече Куновски.

Со видео порака на прес конференцијата се вклучи и почесниот претседател на ИМАГО, Најџел Волтерс кој го поздрави фестивалот и рече дека за него било голема чест да ја врачи наградата за ИФФК „Браќа Манаки“, најстариот фестивал во светот посветен на уметноста на кинематограферите. Тој се осврна на историјата на првите сниматели на Балканот браќата Милтон и Јанаки Манаки, како и на создавањето на регионалните комуникации меѓу секциите на ИМАГО кои се одржуваат преку балканските конференции на ИМАГО кои се одржуваат во Битола.

„Оваа награда е признание за сите жени и мажи кои 40 години напорно работеа за да го направат овој фестивал меѓународно прославен. Фестивалот „Браќа Манаки“ ги потсетува филмските автори и кинематограферите насекаде низ светот на влијанието и инспирацијата што може да се долови низ окото на камерата. Филмот е голема уметност на 20–от век и древната земја Северна Македонија, со право треба да биде горда на браќата Манаки и нејзиниот историски придонес на шармантниот балкански град Битола. „Браќа Манаки“ е многу повеќе од фестивал, тој стана идеологија на вљубениците на подвижните слики и на оние што ги креираат од зад камерата. Фестивалот, за нас кинематограферите, секогаш ќе има посебно место“, рече Волтерс во своето видео обраќање.

Преку Медиа-дескот во земјава, „Браќа Манаки“ од оваа година  соработува со два европски фестивали – Фестивалот на краток и анимиран филм од Барселона и со програма од неколку филмови за деца од фестивалот во Копенхаген.

Македонски филмови и автори се избрани во претпрограмата на „Short Waves Festival“ во Познањ, Полска. Овој месец таму, во рамки на македонска вечер на „Random Home Cinema“, пред најголем дел студентска публика биле прикажани пет кратки филмови во селекција на Слаѓан Пенев и Марија Апчевска: „Малина“  на Анастасија Лазаровска;  „Кружно патување на монахот“ на Жарко Иванов; „Награда“ на Лидија Мојсовска;  „They come from the center of the world“ на Дина Дума и „Човекот со чудна навика да ме удира со чадор по главата“ од Вардан Тозија.

„Добриот глас за фестивалот „Браќа Манаки“ ни отвора многу врати, тоа и лично го доживеав минатата година кога имав можност да одберам селекцијата на програмата „Европски филмски перспективи“, и сега тоа го видов во Полска каде беше организирана и посебна програма надвор од конкуренцијата посветена на македонските филмови, на фестивалот во Познањ кок иако не е најголемиот но го одржа своето 11 – то издание. А тие сакаат да соработуваат и во иднина со фестивалот „Браќа Манаки“, рече Слаѓан Пенев.

Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ се подготвува за 40-тото јубилејно издание, кое ќе биде поразлично и побогато со програми. Ќе се одржува од 14 до 21 септември, поместен е една недела порано за да не се совпадне со другите европски фестивали, така што ќе може да го посетат поголем број европски филмски критичари.

„Покрај 14-те секции, ќе имаме и нешто ново. Ќе се обидеме малку повеќе да ја потсетиме нашата публика со најдобрите македонски, но и европски филмови кои можеби сме ги пропуштиле на времето. Ќе се обидеме да отвориме и два нови простори за прикажување, а тоа ќе се зависи и од средствата што ќе ги добиеме, и доста економично и штедливо да донесеме што подобра програма, рече директорката на фестивалот Гена Теодосиевска .

НУ Центар за култура Битола  по повод наградата на фестивалот „Браќа Манаки“ испрати порака со честики:

„За нас – НУ Центар за култура Битола, претставува особена чест и задоволство што сме домот на ИФФК „Браќа Манаки“. Како и секоја година, сите наши капацитети ќе бидат ставени на располагање на фестивалот. Техничките подготовки кај нас веќе се отпочнати, а септември ќе биде месецот во кој целиот наш тим ќе се посвети на организациските активности од технички аспект, додека тимот на НУ Центар за култура Битола во текот на целата година е максимално посветен на градењето  на филмска публика“, пишува во пораката.