ГЕНА ТЕОДОСИЕВСКА: ТРОГНАТА СУМ ОД СИТЕ ВИЗУЕЛНИ СЕНЗАЦИИ КОИ ПРОСТРУИЈА ВО НАС И НИЗ НАС ЗА ВРЕМЕ НА ФЕСТИВАЛОТ

///ГЕНА ТЕОДОСИЕВСКА: ТРОГНАТА СУМ ОД СИТЕ ВИЗУЕЛНИ СЕНЗАЦИИ КОИ ПРОСТРУИЈА ВО НАС И НИЗ НАС ЗА ВРЕМЕ НА ФЕСТИВАЛОТ

ГЕНА ТЕОДОСИЕВСКА: ТРОГНАТА СУМ ОД СИТЕ ВИЗУЕЛНИ СЕНЗАЦИИ КОИ ПРОСТРУИЈА ВО НАС И НИЗ НАС ЗА ВРЕМЕ НА ФЕСТИВАЛОТ

29 септември, Битола – Во изминатите осум фестивалски дена во Битола се прикажаа повеќе од 95 филмски наслови сместени во 14 програми, мастер класови на Роџер Дикинс и Клаудија Кардинале, се собраа на едно место енергиите на кинематограферите од Балканот на ИМАГО, но најмногу се гледаа филмови.

На крајот на 39. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера по црвениот килим дојдоа бројни филмски дејци, политичари, министри, членови на ДФРМ, претставници на Агенцијата за филм, Општина Битола, вљубеници во филмската уметност и битолската публика – сите во чест на креацијата на најдобрите кинематографери. Тие ја исполнија големата сала на Центарот за култура во Битола за свеченото затворање на фестивалот, кој започна со „Љубовникот“ на Игор Иванов, а заврши со „Скаут“ на Алекс Цветков, кои се дел од најновите филмски продукции поддржани од Агенцијата за филм и како најава за новиот бран во македонската кинематографија.

Директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска, верува дека филмот им припаѓа на сите и дека знаењето ќе го спаси светот.

-Трогната сум од сите овие визуелни сензации кои проструија во нас и низ нас. Но, најмногу бев трогната од публиката од Битола која ги посетуваше сите вечерни проекции. Ви благодарам многу!, рече Теодосиевска заблагодарувајќи се и на селекторите, претседателот на Друштвото на филмските работници, Агенцијата за филм и Општина Битола и на авторите на филмовите, бидејќи, како што рече, оваа работа не може еден човек сам да ја заврши.

-Знам дека денот поминува и дека сево ова утре ќе биде историја. Но, немојте да мислите дека ние не сме тие кои ја прават историјата. Бидејќи секој момент поминат заедно со сите оние кои мислат заедно е едно мало чудо. Благодарам драга публико!, рече на крајот Теодосиевска.

Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, ги поздрави присутните заблагодарувајќи се на сите кои целосно се вложија за успешна реализација на уште едно издание на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“.

-Помеѓу меѓите на денот и ноќта, помеѓу меѓите на нашите соништа, планови и акции имавме прекрасна фестивалска седмица во којашто низ проекцијата на камерата можевме да видиме нечии други соништа и акции. Но, не ја имавме само таа привилегија и само тој дар, овие денови имавме можност и за многу дружење на филмаџиите, кинематограферите и актерите, на студентите кои се подготвуваат да работат во филмската индустрија, имавме можности за нови познанства и градење на нови спомени. Нема да споменам затворање-овие мигови, спомените од оваа седмица нека останат живи до следното издание, кога сите ве поканувам на следното 40. издание на фестивалот „Браќа Манаки“, рече Петровска.

По премиерата на краткиот филм „Скаут“, пред публиката се поклони екипата на филмот, а режисерот Алекс Цветков се заблагодари на Агенцијата за филм на Р.М. и на својата екипа затоа што, како што рече, сите работеле како еден.

Веднаш потоа се одржа проекцијата на филмот „Последниот Кју-Клус клановец“ во режија на Спајк Ли, како последен од главната програма на 39. ИФФК „Браќа Манаки“.

2018-09-30T00:58:19+00:0030th септември 2018|Дејли, Дејли новости|