ВЕЧЕР НА НАГРАДИ НА 39. ИФФК „БРАЌА МАНАКИ“

///ВЕЧЕР НА НАГРАДИ НА 39. ИФФК „БРАЌА МАНАКИ“

ВЕЧЕР НА НАГРАДИ НА 39. ИФФК „БРАЌА МАНАКИ“

29 септември, Битола – Креацијата на кинематограферите на 39. ИФФК „Браќа Манаки“ ја вреднуваа: Олимпија Митилинеу, Рајнер Клаусман, Матијас Тролструп, Ребека Фајад Палуд и Ѓорче Ставрески.

-Почестени сме што присуствуваме на овој прекрасен фестивал кој ја прославува филмската камера. Фестивалот „Браќа Манаки“ е чудесно место каде се учат нови работи и се создаваат нови пријателства. Ќе однесеме прекрасно искуство дома и се надеваме дека некогаш и нашите колеги ќе имаат можност да го искусат ова чувство. Благодарни сме им на Гена што не’ покани, на Доре за одличната селекција и на сите што работеа напорно зад сцената. Првата наша одлука како жири беше да ја оценуваме камерата заедно со севкупниот квалитет на филмот. Камерата е еднаква на сите елемнти во филмот и не треба да ја нарушува севкупната рамнотежа на целината. Живееме во ера на слики кои ги користиме за да раскажуваме приказни. Но, најтешко е да се најде вистинската слика, што не мора да биде најубавата. Добро избалансирана камера ги допира чувствата, но не е цел сама по себе, рече претседателката на жирито Олимпија Митилинеу.

Наградата „Мала камера 300“ за краток филм ја соопшти Рајнер Клаусман и таа му припадна на Адрик Вотсон, кинематографер од Австралија за филмот „Сите овие суштества“.

-Овој филм се занимава со многу важна тема, многу е хуман, има прекрасно раскажување и камерата совршено ја надополнува приказната. Наградата за краток филм „Мала камера 300“ оди кај Адрик Вотсон за филмот „Сите овие суштества“, соопшти Клаусман.

Ѓорче Ставрески ја додели наградата „Бронзена камера 300“, која ја доби полскиот кинематографер Лукаш Жал за филмот „Студена војна“.

-Голема чест ми е што присуствував на овој фестивал. И благодарам на Гена што ме наговори да дојдам овде бидејќи сретнав прекрасни пријатели. Камерата беше еден од многуте брилијантни аспекти на овој филм, кој проследува епска љубовна приказна. Тој е филм што ја слави долгата традиција на кинематографијата и почувствувавме дека сликите во филмот се безвременски. Тие брилијантно ги доловија промените во атмосферата во различните епохи и места. Затоа „Бронзена камера 300“ се доделува на Лукаш Жал за филмот „Студена војна“, рече Ставрески.

Матијас Тролструп го соопшти добитникот на „Сребрена камера 300“ која ја освои Ерик Готје за филмот „Пепелта е најчисто бело“.

-Посведочивме како се менуваат времињата, љубовта и маките, но камерата никогаш не беше избрзана. Беше беспрекорна и неуморно го следеше филмското дејствие. Тоа е една бунтовна и интимна приказна, а таква е и камерата. Поради тоа „Сребрената камера 300“ оди кај Ерик Готје за филмот „Пепелта е најчисто бело“, соопшти Тролструп.

Лауреатот ја посвети наградата на Роби Милер, кој му бил пример со неговата работа и голем пријател на ИФФК „Браќа Манаки“.

-Благодарам што бев поканет на овој прекрасен фестивал, во ова прекрасно друштво на кинематографери и во одлична селекција. Камерата е само еден дел од филмот и оваа награда е врзана и за режисерот на филмот и би сакал да ја поделам со него. Навистина беше прекрасно искуство да се снима во Кина, главните актери беа многу инспиративни, но и остатокот од екипата. Но, оваа награда би сакал да ја посветам на еден од луѓето кои беа моја инспирација кога станав кинематографер, а беше и многу добар пријател на овој фестивал, Роби Милер. Ако се загледате добро во филмот, може јасно да го прочитате неговото влијание, истакна Готје.

Претседателката на меѓународното жири, Олимпија Митилинеу го соопшти добитникот на наградата „Златна камера 300“ која му припадна на јужнокорејскиот кинематографер Кјонг Пјо Хонг, за филмот „Горење“.

-Најубаво раскажано од сите филмски приказни што ги видовме, прекрасно изведена, секое движење зад камерата пренесуваше некакво чувство. Совршена комбинација на забава и уметност и снимена на начин којшто природно доаѓаше од приказната. Навистина одлично дело за оваа камера е тоа што успеа да ја стави публиката во главата на главниот актер. Затоа наградата се доделува на Кјонг Пјо Хонг, за филмот „Горење“, соопшти Митилинеу.

Таа додаде дека се надева дека овој фестивал ќе продолжи со добрата работа, бидејќи од овде се комуницира со кинематографери од целиот свет: „Благодарам многу, Битола!“

2018-09-30T00:57:02+00:0030th септември 2018|Дејли, Дејли новости|