29 септември, Битола – На затворањето на 39. ИФФК „Браќа Манаки“, ќе биде прикажан краткометражниот игран филм „Скаут“ на режисерот Алек Цветков, кој е син на Рок Цветков познатиот каскадер со македонско потекло. Екипата на филмот беше претставена на средба со новинарите.

-Многу сум среќна што на затворањето на Фестивалот ќе биде прикажан филмот на младиот македонски талентиран и креативен режисер Алек Цветков. Дел од тимот се: Рок Цветков, актер и каскадер кој бил вклучен во многу филмови во Европа и во Холивуд, Вања Сремац од Хрватскиот аудио-визуелен центар, Тјаша Перко, која е дел од екипата и Дејан Димески, кинематографер, добитник на Бронзена камера 300 минатата година, рече Гена Теодосиевска, директор на фестивалот „Браќа Манаки“.

Алек Цветков се осврна на атмосферата да се расте во семејство поврзано со филмската уметност.

-Навистина е посебно чувство. Кога бев помал постојано бев на снимање со татко ми. Со моето запишување на режија мислам дека го остварив сонот на татко ми, кој поради тоа што многу работеше немаше време да се образува. А за мене е особено важно што токму со него го правев првиот филм. Имав трема, бев исплашен бидејќи имав многу искусен тим и мислев дека нема да ги исполнам нивните очекувања, но тие навистина ми веруваа и ме поддржаа. Дејан Димески го запознав на снимањето, го внесе целото искуство и одлично го сработивме филмот, рече Алекс Цветков.

-Соработката со Алекс беше прекрасно искуство. Тој отскокнува од сите почетници кои ги познавам, едноставно ништо не препушта на случајот, без подготовка. Ја прикажуваме борбата против современата технологија и како сите може да станеме робови на технологијата. Имаше моменти каде Рок со своето искуство многу ни помогна, истакна Дејан Димески.

-Работам на филм од многу млад, сакав да бидам режисер, а немав можност за тоа, но мојата љубов ја пренесов на син ми. Ми беше чест што работев со него на првиот филм и што ми дозволи токму тие сцени со возење коли да ги направиме како што сакам јас, раскажа Рок Цветков, татко на режисерот Алекс.

Игор Нола и Вања Сремац се продуценти на филмот.

-Филмот е копродукција на Македонија, Хрватска и Словенија и ние практично живеевме таму додека го снимавме и продуциравме филмот. Беше навистина интересно да се слушне како Алекс гледа на светот. Тој е многу активен на социјалните мрежи. Главно снимавме во Словенија во Копар и во Трст во Италија, но постпродукцијата беше работена главно овде во Македонија. Визуелните ефекти се важен дел од филмот и ги изработи една анимациска куќа од Македонија, а не’ поддржа и Агенцијата за филм на Република Македонија, која го препозна филмот и не поддржа, рече Вања Сремац.

Тјаша Перко е дел од филмското семејство Цветков и дел од екипата на филмот „Скаут“.

-Ми беше задоволство да сум дел од овој тим. Секогаш е задоволство да се работи со моето семејство. И јас сум во душата филмаџија, но не од уметничката, туку од деловната страна на филмот. Кога имате многу уметници, мора да изградите индустрија, рече Тјаша.

Освен краткиот филм „Скаут“, кој се прикажува надвор од официјалната конкуренција, публиката во Центарот за култура во Битола, ќе го види и последниот филм од главната програма „Црниот Кју-Клукс-клановец“, во режија на Спајк Ли.