29 септември, Битола – На последната прес-конференција на годинашново издание на „Браќа Манаки“, селекторот на главната програма во компетиција за „Златна камера 300“, Благоја Куновски-Доре го претстави филмот „Девојка“, белгиско-холандска копродукција. Гостин на фестивалот е кинематограферот од Холандија, Франк Ван Ден Иден.

-Со големо задоволство го селектирав овој филм. Како критичари, секогаш е наша должност да се осврнеме на главната компетиција на Берлин, Кан и мора да се биде внимателен при изборот. Меѓу критичарите режисерот важи за нов талент, но и кинематограферот придонесува за вниманието што го бележи овој филм, рече Куновски.

За присутните беше интересно што станува збор за билингвален филм. Главниот лик, Лара зборува француски со татко си, а во болницата зборува холандски јазик.

-Мислам дека јазикот може да биде ново и збунувачко за публиката, но според мене тоа е типично белгиски поради двете различни јазични области во Белгија. Нема некоја посебна причина за билингвалност во филмот, туку сакавме да прикажеме нешто што е дел од животот во Белгија. Тие доаѓаат од Брисел каде зборуваат француски, но потоа се преселуваат во Антверп и таму зборуваат холандски. Инаку, ова е вистинска приказна, Лара навистина постои, се запознав со девојката додека снимавме, но таа не сакаше да се експонира и не се мешаше во сценариото. Кога филмот се прикажа, таа се претстави на белгиските медиуми, беше многу храбра и сакаше да ја поддржи идејата за дискусија за трансродовите лица, раскажа Ван Ден Иден.

Виктор Полстер ја толкува улогата на Лара и општа е оценката дека тој е многу добар избор на режисерот за оваа улога.

-Повеќе беше среќен избор, бидејќи тој никогаш не бил порано пред камера. По професија е танчер, беше искусен со работа пред публика, но немал никакво искуство пред камера. Не знаевме како ќе реагира на снимањето, но тој беше во секој кадар, секој ден и беше среќен со изборот, објасни Ван Ден Иден.

Со Лукас Донт, режисерот на филмот воопшто не се познавале.

-Го запознав кога ми го даде сценариото и ми рече дека сака некој кој е поискусен во екипата за полесно да ги надминуваат проблемите. Ми се допадна начинот на кој го направил сценариото. Се беше многу фокусирано и по 10 страници знаев дека беше добро напишано сценарио, истакна Ван Ден Иден.