28 септември, Битола – Марија Џиџева, селектор на документарната програма, денеска го претстави филмот „Иднината е наша“ на режисерот Андреј Георгиев, кинематографер е Дарио Секуловски, а дел од екипата е Сандра Георгиевска која ја работеше монтажата на филмот. Станува збор за филм кој говори за актуелна тема од нашето секојдневие и има млада филмска екипа.

-Беше прекрасно да се види одјавната шпица бидејќи сите од екипата се студенти. Ова е, всушност, дипломски филм и тоа е убав момент за сите нас, бидејќи гледаме дека се создава една нова, најнова генерација на филмски автори, рече Џиџева.

Филмот има документаристички пристап и за пофалба е брзата реакција, бидејќи настаните кои се прикажани во филмот се случуваа пред само една година.

-Филмот содржи една тема и време во кое сите сме живееле. Позадината на приказната е за време на студентските протести, какви настани и неправди им се случувале на луѓето околу нас. Некои се храбри, некои се борат, некои поднесуваат жртва. Мислам дека ние како млади автори треба брзо да реагираме на настаните и темите кои не’ засегаат и да ги прикажеме низ нашата призма, рече Георгиевска.