28 септември, Битола – Завршуваат подготовките на утрешното свечено затворање на 39. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. По перформансот во изведба на актерката Јелена Јованова, меѓународното жири, со кое годинава претседава грчката кинематограферка Олимпија Митилинау, а членови се Рајнер Клаусман, кинематографер, Матијас Тролструп, кинематографер, Ребека Фајад Палуд, агентка на филмски работници, и Ѓорче Ставрески, режисер, ќе ги соопшти имињата на добитниците на Златна, Сребрена и Бронзена камера 300, како и Мала камера 300 за кинематографер на краток филм.

За затварањето на фестивалот најавен е краткиот филм „Скаут“ во режија на Алекс Цветков и последниот филм од главната програма „Црниот Кју-Клукс-клановец“, во режија на Спајк Ли.