Грчката кинематограферка Олимпија Митилинеу досега снимила дваесеттина долгометражни и кратки играни и документарни филмови, музички спотови, телевизиски и корпоративни реклами, како и видео-арт дела.

Најпознат наслов во нејзината филмографија сигурно е МИС НАСИЛСТВО (MISS VIOLENCE) НА Алекнсандрос Авранас, кој се закити со Сребрен лав на 70-от Фестивал во Венеција и доби уште 8 значајни награди во светот, а Митилинеу се закити со две интернационални награди за камера, Џани де Венанзо и Тер ди Синема.

Секој што го гледал МИС НАСИЛСТВО не може а да не се сети на мачнината што ја предизвикува филмската сторија за еден патер фамилијас кој сексуално (инцестоузно) ги малтретира неговите деца и внуци и ги подведува како проститутки. Приказната е инспирирана од социо-патолошкиот случај на Јозеф Фрицл и неговото семејство во Австрија пред една деценија.

Во филмскиот свет има сè повеќе кинематограферки, па малку на шега, се поставува прашањето колку е тоа добро или лошо за кинематографијата.

-Тешко е да се опстане во машкиот филмски свет кога сте жена-кинематограферка. Но, жените мора да бидат внатре во тој свет на тешка работа на филм. На уметностите – и не само ним – веќе им е здодеано од приказните за машкото општество (ха, ха!) и можеме да го приметиме тоа наоколу. Исто така, денес е невозможно едно семејство да преживее само со вработен маж, па и жените мора да работат, тоа што го посакуваат, за да си обезбедат удобен живот. Порано имаше многу малку професии што беа достапни за жените, работа што овозможува стабилен начин на живот за семејството. Меѓутоа, сега ние жените излеговме од таа ситуација, тоа се случува сосем пририодно: жените ќе заземаат сè повисоки позиции во професиите и општеството, и ќе работат тоа што навистина го сакаат, а не само работи што им се нудат, вели Митилинеу.

Таа посочува дека бројот на жените-кинематограферки во филмската индустрија, сепак, не е голем.

-Изразено во проценти, на глобално ниво, само 3 отсто од кинематограферите се жени. Постои движење за зголемување на бројот на кинематограферките во филмската индустрија: во европските кинематографии учеството на жените-кинематограферки е 10 отсто, но само 0,5 отсто во Грција!, Митилинеу ја коментира состојбата за застапеноста кинематограферките.

Кинематограферката Селин Бозон, минатогодишна учесничка во натпреварувачката селекција, истакна дека последниве години половина од нејзините студенти по филмска камера се жени.

-Да, и за време на моите студии многу жени дипломираа филмска камера, но јас бев единствената од тие генерации што успеа да го преживее подоцнешниот масакр на жените во филмската индустрија! По дипломирањето на филмските школи, жените полека-полека се осипуваа и исчезнуваа од оваа професија. Секогаш има изговор зошто нема жени во оваа машка професија, смета Митилинеу.

Какво, пак, било чувството на Митилинеу како жена кога го снимала менталниот хорор МИС НАСИЛСТВО, во чија сторија мажот (а и татко и дедо, покрај тоа) е господарот на судбините на жените и децата во семејството?

-Некој мора да зборува за такви сурови случки. Ние како филмски професионалци мораме да им дадеме и вакви болни приказни на луѓето. Многу бев трогната од филмот, не толку во текот на снимањето, туку кога го читав сценариото и откако го видов завршениот филм. Знаете, во текот на снимањето сте сконцентрирани да го направите тоа што е најдобро за филмот. Престанав да пушам по снимањето на овој филм. Филмот беше толку силен што нешто се скрши внатре во мене. Ми беше потребна една година да сфатам дека сите мажи не се педофили! Но, морате да „сварите“ многу работи ако сакате да снимате филм според такво сценарио, се сеќава Митилинеу.

Во вашата филмографија има доста кратки наслови. Која форма ја преферирате?

-Ги преферирам долгометражните филмови, но, од друга страна, кратките филмови се одлична можност да се поврзете со помладите луѓе и да сретнете нови режисери. Во кратките филмови имате слобода да проверувате некои работи, бидејќи тие се компактни, и таа можност ја немате во долгометражните. Сè што правам е со цел да соберам што повеќе знаење, кое го внесувам во следниот проект. Работам и видео-арт филмови, кои исто така имаат приказна, но во минимална форма, вели Митилинеу.

Се чини дека постои растечки тренд на снимање сè повеќе филмови во црно-бела техника. Каков е погледот на Митилинеу?

-Црно-белиот филм секогаш ќе биде можност да бидете креативни, но тоа го можете и во колор филмовите. Сето тоа зависи од сценариото и имагинацијата на авторите кои работат на филмот. Драго ми е што сè повеќе филмови се снимаат на филмска лента како во минатото, но повторно станува актуелно бидејќи естетиката на секој филм е поинаква и бара посебен пристап. Вистинскиот пристап е најзаслужен за успешен филм. Значи, не е толку значајно прашањето дали филмот е црно-бел, туку самата приказна и начинот на кој сакате да искомуницирате со публиката, заклучува Митилинеу.