28 септември, Битола – Ерик Готје, кинематографер од Франција, чиј филм „Пепелта е најчисто бело“ беше синоќа прикажан на „Браќа Манаки“ во конкуренција за „Златна камера 300“, денеска на средба со новинарите говореше за снимањето на филмот.

-Фестивалот „Браќа Манаки“ е мошне важен фестивал за кинематограферите. Филмот „Пепелта е најчисто бело“ е еден од моите најомилени филмови, истакна селекторот на фестивалот Благоја Куновски-Доре.

Ерик Готје е еден од водечките кинематографери во Франција и говореше за искуството како е да се работи на филм во Кина.

-Добро бев запознаен со работата на режисерот Џиа Јанг-Це, филмовите му беа многу гледани. Првпат се сретнав со него пред 15 години кога се прикажуваше неговиот филм, а потоа откако неговиот кинематографер се откажа од овој проект јас бев поканет да работам. Не бев свесен дека ќе живеам во Кина, дека ќе патувам на големи растојанија и во моментот речиси да немаше сценарио, речиси се’ беше импровизација, а тоа всушност е азискиот начин на работа. Тие не работат како нас во Европа или во САД, но јас тој начин на работа го доживеав како авантура, рече Готје.

Овој филм е парабола за модерното кинеско општество, раскажува за кинеското подземје.

-Сум работел во странство повеќе пати и секогаш сакам да снимам со локална екипа, зошто на тој начин учам и размислувам на друг начин. Кинезите не зборуваат англиски и знаев дека ќе имам потешкотии со комуникацијата. Но, работата со екипа секогаш е прашање на доверба и верба, и бидејќи тие знаеја што барам одлично соработувавме. Мојата екипа обично се состои од тројца, но сега имав шест асистенти, а за половина час може да ви направат платформа, сите излегуваат од некаде и работат. Снимав со „Алекса мини“4К, а потоа снимавме на филм со поинакви леќи со поинаква камера, а сите сцени на реката Јанг-це се снимени на лента и на крајот снимав со „Алекса ред“ бидејќи се обидував да дадам насилен контраст, агресивен контраст, објасни Готје.