28 септември, Битола – Синоќа во рамките на фестивалската програма, беше прикажан филмот „Персона“ во режија на Ингмар Бергман, како дел од обележувањето на 100-годишнината од раѓањето на легендарниот шведски филмски автор. Амбасадорот на Шведска во Македонија, Матс Стафансон пред проекцијата се заблагодари на фестивалот „Браќа Манаки“ и Кинотеката на Македонија што го организираа ова одбележување.

Филмот „Персона“ е еден од неговите најсложени филмови, но и еден од најкритизираните филмови. Но „Персона“ е психолошка драма која е Монт Еверест во филмската уметност. Филмовите на Бергман се многу длабоки, тој е фантастична личност, рече амбасадорот Стафансон.

Фестивалот, синоќа, го посети и амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија, Ваутер Пломп, кој се сретна со директорката Гена Теодосиевска и со својот колега од Шведска. Холандската амбасада, годинава го поддржа фестивалот „Браќа Манаки“, на кои беа прикажани неколку филмски остварувања на холандски автори.

-Ние како амбасада сме горди што сме дел од успешната приказна на фестивалот „Браќа Манаки“. Среќен сум што ја посетив Битола и самиот бев сведок на магијата што ја носи фестивалот, покажувајќи го вистинскиот космополитски дух на градот, изјави холандскиот амбасадор Ваутер Пломп.