23 септември, Битола – Фестивалскиот ден во Битола денеска започна со прес конференција на тимот кој го работеше филмот „Љубовникот“ што беше прикажан синоќа на свеченото отворање на фестивалот.

„Одличното мало филмче со голема идеја – „Љубовникот“имаше светска и македонска премиера, но после ова секако ќе биде претставен и на други фестивали. Денеска фестивалската атмосфера ја исполни добро чувството дека имавме светска премиера на убав филм, кој неговите продуценти во најскоро време ќе го пласираат на некој од светските фестивали, бидејќи тој секако ќе допре со својата универзалност и јазик до срцата на пошироката публика бидејќи навистина има едно и носталгично, омажовско свртување кон она што бил некогаш стариот добар филм и она што значи сегашно некакво видување на филмот, со технолошките спојувања на процесите за да се направи едно вакво дело“, рече Благоја Куновски – Доре, претставувајќи го филмот.

На средбата со новинарите присуствуваа режисерот и сценарист, Игор Иванов – Изи, кинематограферите Дејан Димески и Томи Салковски и актерите Наталија Теодосиева и Сашо Петровски.

За идејата за снимање на „Љубовникот“ говореше режисерот и сценарист Игор Иванов.

„Ова е една постара идеја. Овој филм сакавме да го направиме поодамна. Сценариото е напишано уште во 2009 година. Го напишав во еден здив, ми дојде од некаде оваа идеја и размислувавме со Томи дека е најдобро да се реализира со камерата на браќата Манаки. Тоа што сакавме да го направиме е да направиме еден постмодерен акт и да не биде само филм по себе, туку да биде нешто што на филмот му е прикачено дополнително како ПР случување, нешто што има врска со јавноста и на тој начин да функционира тоа како дело. За таа замисла да биде целосна сакавме да ја репарираме камерата на браќата Манаки, дури доаѓавме овде во Битола со Томи и со почитуваниот Драган Салковски, кој правеше инспекција на камерата, проверуваше дали е во ред, какви се запчаниците, објективот 16 милиметарски…итн. Сакавме сето тоа да го направиме и со таа камера да го снимиме филмот, но тоа не се случи поради буџетски ограничувања. Бидејќи тој процес навистина не може да влезе во буџетот за еден краткометражен филм и потоа размислувавме што и како понатаму, Томи ме праша дали би аплицирале со овој филм повторно, јас се согласив, Агенцијата за филм овозможи средства и ете го снимивме овој филм со стандардна техника од денешно време, со „ари алекса“ камера. Сакавме да направиме едно, испадна друго, но се разбира дека дестинацијата на овој филм беше секогаш „Манаки“. Секогаш имавме идеја да го промовираме овде и многу ми е драго што се случи вчера, девет години по иницијалната идеја“, рече Иванов Изи.

Кинематограферот и продуцент на филмот, Томи Салковски говореше за соработката со Драган Салковски и идејата да се снима со камерата на браќата Манаки.

„Целата идеја филмот да се снима со камерата на браќата Манаки беше изводлива, но сепак многу скапа. Имавме доста разговори со „Маџар филм“, добивме многу поволни услови, но во моментов во светот се помалку се работи на филмска лента. Целиот процес е доста поскап, поготово за овие мали филмови, кои се еден вид на егзибиција. Ние сакавме да работиме со нешто што е старо, што стои во архива. Овде за време на Фестивалот камерата е изложена како експонат, а ние сакавме да ја репарираме, а тоа не е лесно и повлекува дополнителни трошоци, но мислам дека тоа треба да се направи во иднина, еве ова нека биде една иницијатива оваа камера да се репарира и да се врати во функција, бидејќи таа не е само наша македонска, туку и балканска историја за почетоците на кинематографијата“, истакна Томи Салковски.

„Бидејќи снимавме со камера „Ари алекса“, се решивме сето тоа да го направиме како една игра, да направиме заеднички проект со Изи, со Дејан и Салко. Беше многу интересно и многу лесно од аспект на кинематографер, во споредба со онаа првичната идеја и задача што ја имаве замислено, заклучи Томи Салковски.

Тој се заблагодари на Агенцијата за филм на Република Македонија, на Фестивалот „Браќа Манаки“ што го прикажа овој филм на отворањето и истакна дека се надева оти филмот, иако е специфичен сам по себе, ќе има интернационален живот.

Дејан Димески, минатата година освори „Бронзена камера 300“ за филмот „Жаба“, а годинава е дел од тројцата кинематографери на филмот „Љубовникот“. Тој се осврна на соработката со Драган Салковски, ветеран во македонската кинематографија, кој со задоволство го пренесува своето искуство на помладите и за процесот на снимање.

„Драган Салковски седеше зад мониторот заедно со Изи и секогаш ни кажуваше идеи, имаше постојано свои коментари во однос на композицијата, на структурата, затоа што филмот се снимаше на „ари алекса“, но сите монитори беа завртени на црно-бело. Инаку, јас во својот окулар гледав во колор. И така се случуваше да има интеракција, па се враќавме да видиме како изгледа снимениот материјал. Претходно ги избравме сите тоналитети за да може да ја доловиме таа фотографија на тој штимунг на таа црно-бела фотографија и соработката беше прекрасна. Инаку, со Томи заедно дипломиравме, а со Драган Салковски се знаеме од кога се занимавам со оваа професија така што сето ова беше едно прекрасно искуство“, рече Димески.

На прес конференцијата присуствуваа и актерите Наталија Теодосиева и Сашо Петровски, а општ беше заклучокот дека тој е одличен како идеја дека сепак љубовта победува.

Наталија Теодосиева рече дека ова било прекрасно искуство.

-Досега немам работено такви сцени. Не сме имале прилика така да работиме. Со Сашо имавме неколку проби, две до три проби со акробациите, лесно се работи со него бидејќи тој е професионалец и мислам дека многу добро се снајдовме како изведувачка и актерска двојка, рече Наталија.

Сашо Петровски е професионален акробат. „Имав неколку сцени во кои направив точно тоа што ми го кажаа и мислам дека испадна добро.

На прашањето во каква состојба ја затекнале камерата на браќата Манаки и колку би чинела нејзината репарација, Томи Салковски истакна дека камерата има проблем со објективот.

„Објективот е фиксиран, но механизмот функционира беспрекорно. Оставена е во добра состојба. Требаше да се направат мали интервенции и проби. Да не се направеа тие проби теоретски ние не можевме да дојдеме до точна пресметка. Се прават проби, се снима материјал се носат во лабораторија и после тоа стручни лица врз основа на снимениот, експонираниот материјал проценуваат што треба точно да се направи. Немавме некои точни пресметки, само апроксимации кои беа поголеми од буџетот кој беше доделен од Агенцијата за филм, така што одлучивме да не навлегуваме во посериозни елаборати во поглед на репарацијата. Инаку објективот е своевиден камкордер и за него е потребна репарација, треба да се прати во „Цајс“.

Разговор со Клаудија Кардинале

 

Малата сала на Центарот на култура во Битола беше претесна да ги прими сите заинтересирани новинари, фоторепортери и обожаватели на филмската дива Клаудија Кардинале, кои присуствуваа на денешниот разговор што го водеше Микеле де Анџелис, режисер и продуцент од Италија.

Клаудија Кардинале како млада девојка и немала некоја посебна желба да стане актерка. Сестра и’ имала сини очи, и сите гледале идна актерка во неа, додека, пак, Клаудија, студирала педагогија и сакала да биде учителка. Како 19-годишна девојка победила на натпреварот „Најубава Италијанка во Тунис“ (земјата каде што е родена и одраснала), освоила наградно патување на филмскиот фестивал во Венеција. Таму го добила првиот филмски ангажман.

-Сите ми велеа дека треба да станам актерка, па на крајот го послушав татко ми, кој силно ме наговараше, и станав актерка, раскажуваше Кардинале на почетокот на разговорот.

Иако Кардинале станала позната актерка во Италија со филмот „Роко и неговите браќа“ (1960) на Лукино Висконти, нејзиниот глас бил натсинхронизиран, како и во останатите улоги од тоа време, бидејќи Кардинале во родниот Тунис се школувала на француски јазик. Практично со улогата во филмот „8 ½“ (1963) на Федерико Фелини, Кардинале започнува да снима со нејзиниот глас.

Во 1963 таа го снимила и вториот важен филм на почетокот на нејзината кариера, „Леопард“ на Лукино Висконти.

-Со Висконти снимив четири филмови, тој обично не сакаше жени, но ми рече дека јас сум невообичаена жена, па затоа снимаше со мене, вели Кардинале.

Фелини, пак, сакал да ја види како русокоса жена за потребите на филмот, па затоа Кардинале, која имала долга и бујна црна коса, морала да се бојадисува на секои две недели.

-Иако Висконти и Фелини беа доста различни карактери како луѓе и во пристапот на филмот, со нив ги снимив најзначајните филмови во тој период. Додека го снимавме „8 ½“, Фелини секој ден ме земаше од дома со автомобил, велејќи ми дека јас сум неговата муза, се сеќава Кардинале, истакнувајќи го и италијанскиот режисер Пјетро Џерми („Факти за убиството“) како мошне значаен автор во почетоците на нејзината актерска кариера.

-Најсилното чувство во снимањето филмови е да се транформираш во друга личност, а по завршување на филмот, да и се вратиш на сопствената личност, објаснува Кардинале.

Кардинале доби громогласен аплауз од публиката на нејзината изјава дека секогаш одбвивала да се соблекува гола во филмовите.

-Не сакав да го продавам моето тело, истакна Кардинале, која е позната и како борец и активист за женските права, а од 2000 година е Амбасадор на добрата волја на УНЕСКО.

На прашањето од публиката каков е нејзиниот коментар на актуелното женско движење „Me Too“ во Холивуд, кое се бори против сексуалната злоупотреба на актерките, Кардинале истакна дека таа секогаш се борела и ќе се бори за женските права.

Иако нема снимено многу комедии, многумина во неа препознавале голем комичен потенцијал. Токму со улогата во комедијата „Пинк Пантер“ на Блејк Едвардс, снимен во за неа судбински успешната 1963 година, Кардинале го освојува Холивуд. Подоцна не добивала ангажмани во комедии, но вечерашната проекција на фестивалот во чест на Кардинале – нејзиниот најнов филм „Благородни лаги“ (во режија на Антонио Пису) – е токму комедија, која го истакнува нејзиниот талент за овој жанр до максимум. Инаку, фестивалски гостин е продуцентот на филмот Паоло Роси.

Додека за време на разговорот одеа инсерти од „Пинк Пантер“, Кардинале се смееше радосно како мало дете, а потоа сподели една мала тајна од снимањето на овој филм.

-До „Пинк Пантер“ не пушев цигари, па на снимањето ми дадоа да запалам цигара, но тоа всушност беше марихуана, раскажува Кардинале.

Иако имала огромна шанса за успешна холивудска кариера, Кардинале на понудите им одговорила дека таа е Европејка, и се вратила во Италија.

-Не сакав да останам во Америка, бидејќи Холивуд многу манипулира, изјави Кардинале и повторно доби силен аплауз.

Сепак, повремено снимала и холивудски филмови, како легендарниот „Професионалци“ (1966) на Ричард Брукс, како единствена женска ѕвезда меѓу величините како Берт Ланкастер, Ли Марвин, Џек Паланс, Роберт Рајан…

Кардинале е единствената женска ѕвезда и во култниот италијанско-американски епски „шпагети“ вестерн на Серџо Леоне, „Беше еднаш на Западот“ (1968), покрај Џејсон Робардс, Чарлс Бронсон и Хенри Фонда.

-За мене секогаш било најважно сценариото, но и добриот режисер. Многу добро се сложував и со Брукс и со Леоне, но Леоне некако повеќе ми одговараше на карактерот заради заедничката италијанска нишка. Сепак, и „Професионалци“ е меѓу моите најзначајни филмови, истакна Кардинале.

Иако играла со познати актери кои важеле за големи заводници, Кардинале нагласи дека никогаш немала љубовна афера на снимањата со ниту еден партнер. А покрај гореспоменатите, нејзини филмски партнери биле и Ален Делон, Марчело Мастројани…

-Во 1960-та година го снимавме „Bell’ Antonio“ („Убавиот Антонио“) на Мауро Болоњини, со Мастројани во главната машка улога. Во филмот тој ја игра улогата на маж, Сицилијанец, кој е многу убав, но не може да води љубов со мене, па пред хотелот се собраа Сицилијанци кои тврдеа дека нема импотентни мажи кај нив, низ смеа раскажува згода од снимањето на филмот.

Кардинале ја истакна и соработката со мајсторот на филмската фотографија Џузепе Ротуно, еден од лауреатите на „Браќа Манаки“, во „Леопард“ на Висконти (1963). Сцената со балот ја снимале цели три недели.

-Ротуно беше голем уметник, истакна Кардинале.

Кардинале раскажуваше и за искуството со режисерот Пасквале Сквитиери. За време на снимањето на филмот „Луција“ се вљубиле еден во друг, се венчале, а потоа снимиле уште 10 филмови. Нивната ќерка Клаудија Сквитиери ја придружува мајка си во Битола.

-Татко ми често велеше дека филмот беше добар, но со текот на снимањето мајка ми станувала се поубава во неговите очи, бидејќи му го сменила животот, раскажа ќерката Клаудија и заработи голем аплауз. На тоа одговори мајка и, која спомена дека таа го одбрала Пасквале за сопруг.

Во периодот на нејзината голема слава медиумите вештачки подгревале „натпревар“ меѓу тогаш најпопуларните актерки – Кардинале и Брижит Бардо, кој често го насловувале како „Војна на иницијалите – Б.Б. против К.К.“.

По завршетокот на разговорот публиката направи вистинска медитеранска процесија со Клаудија Кардинале, пеејќи ја со неа популарната италијанска песна „Марина“, и ја испрати до хотелот „Епинал“.

Претставување на жирито

Втората прес конференција денеска беше посветена на претставување на членовите на меѓународното жири: Олимпија Митилинеу, кинематограферка од Грција и претседател на жирито, Рајнер Клаусман, кинематографер од Швајцарија, Ребека Фајад, агентка на кинематографери од Франција и од Македонија, Ѓорче Ставрески, режисерот на „Исцелител“, македонскиот кандидат за „Оскар“. На средбата не присуствуваше Матијас Тролструп, кинематографер од Данска, кој утре ќе допатува во Македонија.

Претседателката на жирито, Митилинеу рече дека за втор пат е во Битола, но прв пат е член на жири, за кое смета дека е голема чест да се биде дел од него.

„Бидејќи и самата сум кинематографер овој фестивал е многу важен. Имавме прекрасно отворање и со радост очекувам да почнеме да ги гледаме филмовите“, рече Олимпија.

Годинава има две дами во жирито. Втората е агент на кинематографери, која често работи со нив, им помага да најдат работа. Тоа е Ребека Фајад, агентка на кинематографери од Франција.

„Мислам дека камерата не е нешто што доволно се слави и одлично е што постои фестивал што го прави тоа, а уште посреќна сум што сум дел од тоа. Камерата е голема работа за мене. Ја сакам многу и многу сум среќна што постои Фестивал што ги слави кинематогаферите,“ рече Фајад.

Рајнер Клаусман е добитник на „Златна камера 300“, а минатата година ја доби „Сребрената камера 300“ и сега повторно е во Битола како член на жирито.

„Среќен сум што сум повторно во Битола. Ова е едно големо семејство. Јас така го чувствувам и гледам секогаш многу добри филмови кога доаѓам овде. Благодарам за поканата и очекувам што ќе се случува следните денови“, истакна Клаусман.

Традиција е еден член на жирито да е македонски претставник. Оваа година тоа е режисерот Ѓорче Ставрески, чиј филм „Исцелител“ доживеа огромен успех во земјава, но и во странство.

„Исцелител“ беше избран за македонски кандидат за „Оскар“, но мене ми е сосема јасно дека патот дотаму е трнлив и тешко е да се стигне до таа листа на номинирани. Се’ уште сум резервиран. Инаку, овде се чувствувам навистина прекрасно и почестен сум што сум меѓу овие луѓе. Ова ќе бидат неколку убави денови, рече Ставревски, кој се пошегува дека на крајот како во фудбалот, пак, Германија ќе победи.

Утре на фестивалот е специјалниот настан: Мастер класа на Роџер Дикинс.

Ве покануваме да ја посетите веб-станицата на фестивалот, каде што дневно можете да ги следите сите настани, како и кратки интервјуа со гостите на Фестивалот, кои слободно можете да ги објавите.