Филмот „Забавата“ во режија на Сали Потер е британска комедија снимена од страна на рускиот кинематографер Алексеј Родионов. Филмот е црно бел, но постои и снимка во боја, а Родионов вели дека не може да се одлучи која верзија е дефинитивно подобра – некои сцени изгледале подобро во црно-бело, а некои пак во боја. Актерите се снимани од блиску, со камера која ја држи во рака со цел да се долови драматиката на дејството.

Родионов говореше и за соработката со режисерката и начинот на снимањето на филмот.

– Со неа уште од почетокот имаме одлична соработка, таа е прекрасна личност, многу е љубезна – што е редок квалитет. Сали е исклучително организирана и работи напорно, дури и никогаш не седнува и нема свое столче на сетот! – вели Родионов, додавајќи дека познавањето на Сали Потер за техничкиот дел за работата, ја олеснува соработката.

Иако доаѓа од Русија, Родионов вели дека неговата смисла за хумор е слична со онаа на Британците, па одлично се вклопил со британскиот тим за време на снимањето.

-Мора да кажам дека Британците се, генерално, многу поорганизирани од Русите кога се работи за снимање на филмови – рече Родионов.

Тој го изрази своето задоволство што гостува на фестивалот „Браќа Манаки“.

-За прв пат сум во Битола, многу ми се допаѓа гостопримливоста на луѓето. Ова е еден уникатен фестивал кој е посветен на кинематограферите и нуди одлична можност луѓето од нашата фела да се соберат на едно место и да комуницираат, бидејќи секогаш се во втор план на другите фестивали – рече Родионов.