Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски му ја врачи Специјалната „Златна Камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност на режисерот Милчо Манчевски, истакнувајќи дека му ја предава оваа награда од се’ срце, бидејќи неговите филмски истражувања и критики кои ги пишувал порано, во голем дел биле посветени токму на творештвото на овој режисер.

Милчо Манчевски се заблагодари за наградата и му посака побрзо закрепнување на директорот на фестивалот Благоја Куновски – Доре. Исто така, тој апелираше културата да го добие соодветниот третман во општеството.

-Култура не е нешто што треба да се стави меѓу некролозите и малите огласи, културата е она што човекот го прави човек, заедницата ја прави да биде заедница и конечно, културата е она што човештвото го прави човештво. Затоа апелирам да не ја туркаме меѓу некролозите и малите огласи – рече Манчевски.

Со своите култни филмови „Пред дождот“, „Мајки“, „Прашина“ и „Сенки“ режисерот Манчевски ја постави Македонија на светските листи за најдобри филмови.