Најславниот македонски филмски режисер Милчо Манчевски, добитник на Специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност на 38. ИФФК „Браќа Манаки“, одржа мастерклас пред присутните гости, студенти и публиката во Битола. Модератор на мастеркласот беше новинарката, филмски критичар и одличен познавач на неговото творештво, Марина Костова.

Тематскиот фокус на мастеркласот беше ставен на работата на Милчо Манчевски со целокупната филмска екипа, од моментот на појавата на идејата и концептот за одредено филмско остварување, преку претпродукцискиот период, дефинирањето на сценариото, изборот на филмската екипа, снимањето на филмот до постпродукцијата и прикажувањето на филмот.

Зборувајќи за личните искуства, Манчевски истакна дека на почетокот секогаш е зборот, а доколку се појави и слика, тогаш првичната замисла конципирана на неколку страници се шири во филмска приказна од која преку имагинациите на сликата се раѓаат карактерите на ликовите и филмските сцени кои ја градат приказната. Имајќи ја приказната се отвора процесот на продукција во која се вклучуваат продуцент, скриптер, директор на фотографија со цел да се стигне до финансиската конструкција на целиот проект.

Во однос на работата со сценариото, Манчевски објасни дека веќе во првите читања треба да се осознае емотивниот момент и да се дефинира која е вистинската приказна во филмот. Со читањето на сценариото се појавуваат идеите за кастингот и визуализацијата на текстот, а со вклучувањето на директорот на фотографија се добива и попрецизна претстава за начинот на кој ќе биде визуализирана приказната. Манчевски нагласи дека нема формула по која ги создава сопствените филмови и дека секогаш длабоко е вклучен во креацијата и со сценариото и со сликата во филмот, поради што е поттикнат постојано да истражува. Развивањето на вештините за креација на сликите го прави со снимање на кратки форми, како, на пример, музички спотови.

Бидејќи во досегашното творештво Манчевски работел со повеќе директори на фотографија, објасни дека работата со нив секогаш носела нови искуства и дека со секој филм учел нешто ново во однос на осветлувањето на кадарот, како и решавањето на различни ситуации што се случуваат на филмскиот сет. За процесот на снимање на филмот вели дека е извршување на однапред направениот план, односно има креација однапред и (ре)креација во текот на снимањето на филмот.

Во однос на монтажата тој објасни дека се одвива како играње емотивен шах со снимените кадри и сцени. Притоа, ако промените една сцена од едно на друго место во филмот ќе добиете сосема поинаков тек на драмското дејство.

-Некогаш отфрлате некои сцени, а некогаш отфрлате и многу убави и многу скапи сцени за да му го дадете животот на филмот – нагласи Манчевски.

Во однос на работата со актерите, Манчевски објасни дека има повеќе нивоа на дефинирање на карактерот. Прво е читањето на сценариото, потоа е освојувањето на персоналната историја на ликот, а во текот на снимањето карактерот се дефинира. Во тој процес најважни се зборот на сценаристот и зборот на актерот.

-Сакам актерот/карактерот да биде навистина човек, а не да биде лик кој не зрачи со емоција, бидејќи правам филмови за индивидуалци и нивната лична драма, а не филмови за општеството – прецизира Манчевски.

На мастеркласот беше прикажан и трејлерот на новиот филм на Манчевски, „Бикини мун“, чија премиера треба да се случи наскоро на еден од светските филмски фестивали.