Една од учесничките на студентската програма на годинашното издание на „Браќа Манаки“ е Катерина Живановиќ, дипломец на филмската академија „Синергија“ од Белград, Србија. Таа се претстави со два кратки филма, експерименталниот „Unus dies“ („Еден ден“) и играниот „Одмазда“.

 

Со какви импресии заминувате од фестивалот и Битола?

„Браќа Манаки“ е прекрасен „мал“ фестивал, а Битола е убав град, луѓето се блиски и гостопримливи, секој се нуди за било каква помош. Имаше многу дружења и нови контакти.

 

Колку контактите на ваквите фестивали овозможуваат евентуални нови проекти?

Секако дека имаше идеи и разговори за евентуални проекти.

 

Што сонуваат младите автори, а во каква реалност живеат?

Кога ќе тргнете на филмската академија, замислувате дека сте и Спилберг и Хичкок. А кога ќе стигнете на завршната година на академијата, ќе се судрите со реалноста, дека треба да знаете многу работи околу маркетингот и продажбата на филмови, да ја погодите темата која е актуелна во тој момент и слично. Но, мислам дека е најтешко да најдете добра екипа со која ќе направите филм, бидејќи е тешко да се изгради доверба ако веќе немате некое реализирано дело зад себе.

 

Колку напредокот на технологијата го олеснува процесот за младите автори?

Слушајќи ги моите професори, многу е поинаку за разлика од минатото, кога се снимало на филмска лента. Од една страна е супер, бидејќи можете да снимите краток филм со фотоапарат, дури и со мобилен телефон со подобри перформанси, и сами да го измонтирате. Од друга страна, пак, тоа доведе до ситуацијата дека секој може да биде „режисер“, секој може да биде „кинематографер“, што е проблем бидејќи филмскиот пазар е пренатрупан, па на младите филмаџии им е потешко да се истакнат.