Грациела Билдесхајм е продуцентка која повеќе од 25 години е вклучена во креативниот развој и финансиското обликување на играни и документарни филмови. Основач е на неколку иницијативи за обука: Maia (2005 година), Hermes (2009 година, заедно со Советот на Европа и Еуроимаж), Режисери преку граници (со Програмата за култура на ЕУ)…

Билдесхајм е предавач, консултатнт и експерт во меѓународни и европски организации. Предава во „Чентро спериментале“ на Државниот филмски универзитет во Италија, членка е на Европската филмска академија и на жирито за наградата „Давид ди Донатело“ и на Националниот филмски одбор при италијанското Министерство за култура.

На фестивалот „Браќа Манаки“ ја водеше работилницата на Маиа, како дел од програмата First films fist, интензивна програма на обуки за аудиовизуелни продуцент(к)и во подем.

Тренинг-програмата Maia го добила името според грчко-римската божица на полињата, но и на пролетта, па оттаму и името на месецот мај. Таа е една од седумте Плејади и е мајка на Хермес, богот-заштитник на трговците, крадците, патниците, атлетите и цариниците.

 

Кои се импресиите од дискусиите од оваа сесија на Maia?

Многу сум среќна што бев овде, многу сум задоволна од соработката со Агенцијата за филм на Македонија. Работилницата се одвиваше во одлична атмосфера, имавме учесници од десетина различни земји…

 

Колку потенцијал има во младите продуценти од Македонија и регионот?

Секако дека младите продуценти од Македонија и регинот имаат голем потенцијал. Продуцентите Ангела Несторовска, Елена Станишева, Дејан Крајчевски, потоа Владимир Стојчевски од програмата „Медиа“ се дел од тие млади и талентирани филмски луѓе.

 

Кои се најголемите проблеми со кои се соочуваат младите продуценти?

Продукцијата на филмови во Европа и светот е енормно голема. Треба да се направи вистинскиот избор при изборот на фестивали. Многу верувам во потребата да имаат посебна тема во нивните филмови, па продуцентите треба да најдат режисери кои веруваат во нивниот проект. Треба да се обрнат внимание на дистрибутивната мрежа, но, сепак, мислам дека основата на успехот е да имате голема приказна и креативен режисер. Младите продуценти треба да бидат присутни на копродукциските маркети, да бидат присутни на интернационалната сцена, да најдат копродуценти, бидејќи за нив е многу тешко да продуцираат филм исклучиво во сопствената земја.