Кинематографери со силна визуелна енергија и исклучителна креативност ги добија наградите на „Браќа Манаки“

/////Кинематографери со силна визуелна енергија и исклучителна креативност ги добија наградите на „Браќа Манаки“

Кинематографери со силна визуелна енергија и исклучителна креативност ги добија наградите на „Браќа Манаки“

Во официјалната компетиција за наградите Златна, Сребрена и Бронзена „Камера 300“ оваа година се натпреваруваа 13 кинематографери. Жирито во состав Пол Рене Ростад, претседател, и членовите Лука Коасин, Јани Петери Паси, Даријан Пејовски и Ерол Зубчевиќ, кој не беше во можност лично да присуствува на затворањето, им ги врачија наградите на кинематограферите, велејќи дека не било воопшто лесна работа да се одбере помеѓу толку квалитетни филмови.

Прво се обрати претседателот на жирито, Пол Рене Ростад, заблагодарувајќи му се на фестивалскиот тим за организирањето на ваков фестивал во чест на кинематограферите од целиот свет.

-Како претседател на Европската федерација на кинематографери, би сакал особено да ја истакнам важноста на овој фестивал за сите кинематографери низ светот и да нагласам колку искрено се воодушевуваме на важната работа што ја прават Благоја Куновски, Гена Теодосиевска и нивниот фантастичен тим, фокусирајќи се на кинематограферите од секаде од светот. Да се биде член на жири е тешка работа. Особено кога сте опкружени со толку талентирани кинематографери. Понекогаш се чувствувавме како да сме во музеј, опкружени со слики на Рембрант, Тицијан, Сезан и Реноар и како да треба да избереме кој од нив е најдобар. Но, конечно, вистинската работа на жирито е да пресече. Па ние пресековме – рече Пол Ростад пред самото доделување на наградите.

Малата камера 300 му припадна на кинематограферот Наум Доксевски, кој го сними македонскиот краток филм во режија на Горан Столевски, „Види ја ти неа“, за една млада девојка што ги крши правилата на едно патријархално општество.

Оваа година покрај главните награди, жирито му додели Специјално признание на младиот руски кинематографер Данил Фомичев, за филмот „Како Виктор Лукчето го однесе Алексеј пастувот во домот за стари лица“, во режија на Александар Хант. Даријан Пејовски му ја врачи наградата на Фомичев, образложувајќи дека за тоа е заслужен свежиот пристап на кинематограферот во овој дебитантски филм.

Бронзената камера 300 му припадна на Дејан Димески за филмот „Жаба“ во режија на Елмир Јукиќ. Лука Коасин, предавајќи му ја наградата на Димески, рече дека жирито смета дека кинематограферот се справил со предизвикот на раскажување на приказна во многу ограничен простор, наоѓајќи го идеалното растојание помеѓу камерата и изведбата на актерите.

Димески се заблагодари на жирито и на својата екипа, потсетувајќи се дека првпат дошол на фестивалот „Браќа Манаки“, како студент во 1993 година, за да сега доживее да стои на сцената со една од главните камери.

Јани Петери Паси, пред да ја додели Сребрената Камера 300 истакна дека не било лесно да се одлучат помеѓу двата филмови кои се бореа за првото место. Сребрената камера 300, му припадна на Рајнер Клаусман за филмот „Од ништо“, во режија на Фатих Акин.

-Кинематографер кој ни го покажува своето огромно искуство и способност визуелно да раскаже приказна на начин што совршено се совпаѓа со важната и драматична приказна. Тој визуелно го поддржува и совршено го засилува секое мало дејствие во сценариото, ненаметливо придонесувајќи кон емоционалната рамнотежа на приказната – рече Паси.

Златната камера 300 му припадна на Унгарецот Марсел Рев, кинематограферот кој го сними филмот „Месечината на Јупитер“, интригантна сторија за односот кон бегалците.

Претседателот на жирито Пол Ростад му ја додели наградата, велејќи дека Марсел Рев изненадил со својата визуелна енергија и исклучителна креативност во пренесувањето на приказната низ слики.

Сите добитници на наградите, видно возбудени му се заблагодарија на жирито и на организаторите на фестивалот, за прекрасната можност да се учествува на еден ваков уникатен филмски фестивал кој ја слави работата на луѓето зад камерата.

 

2018-07-01T14:15:06+00:0030th септември 2017|Дејли новости (2017)|