Во соработка со „Првите филмови на прво место“ (First Film First) на 38. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ мастерклас одржа и светски познатата сценографка Марија Ѓурковиќ, која досега работела како продукциски дизајнер на триесетина филмски остварувања, меѓу кои и култните филмови „Били Елиот“, „Часови“, „Мама миа“, а има многу филмски номинации и награди на британските и на светските фестивали.

Во рамките на мастеркласот Ѓурковиќ се задржа на работата со режисерот Стивен Далтри на продукцискиот дизајн на филмовите „Били Елиот“ и „Часови“. Во однос на креацијата на сценографијата за одреден филм, Ѓурковиќ објасни дека секој детал во сценографијата е дел од „големата слика“, односно има влијание во дефинирањето на карактерите на ликовите во филмот и го потенцира дејството во приказната. Кога станува збор за филмови во кои се преплетуваат повеќе историски периоди, како во „Часови“, таа настојува различните периоди да ги обедини во една визуелна естетика.

-Мојата работа е да направам баланс меѓу различните периоди, а често употребувам и сценографски трикови за да ја исполнам намерата, бидејќи во сценариото се е прецизно дефинирано и тоа ја дава насоката на визуелната нарација, вклучувајќи ги сите детали што се однапред испланирани – истакна Ѓурковиќ.

Продукцискиот дизајн е динамична работа, додаде Ѓурковиќ, а покрај режисерот, кинематограферот, костимографот, и сценографот има свој тим во кој има доверба и со кој работи на дизајнот на филмските сетови. Обично во еден филм има од 80 до 120 сетови (локации) на кои се снима и сите тие се подготвуваат неколку месеци однапред.

Како специфичен пример ја истакна работата на филмот „Tinker Tailor Soldier Spy“ на режисерот Томас Алфредсон, кој го снимиле во три држави со повеќе од 120 филмски сетови.

-Секоја мисла или идеја за креација на сценографијата се појавува на интуитивно ниво, а со цел да се даде одредена карактеристика на ликовите во филмот, а јас си ја сакам работата и секогаш сакам да смислам нешто ново и не сакам да се повторувам себеси од филм во филм – истакна Ѓурковиќ.