Данил Фомичев, човекот зад камерата на рускиот филм „Како Виктор Лукчето го однесе Алексеј коњот во центарот за инвалиди“, говореше за работата со режисерот Александер Хант, како и за тоа кои филмски сценарија потешко проаѓаат кај руските продуцентски куќи.

-Со Алексеј се знаеме уште од студентските денови, кога работевме филмски вежби. Подоцна снимавме музички спотови и еве конечно го направивме и нашиот прв игран филм заедно. Алексеј има две дипломи – најпрво учел за кинематографер, а потоа и за режисер – вели Фомичев.

За естетиката на филмот, изведена во силни бои, иако се работи за прилично тажна тематика, Фомичев објасни дека целта им била да го освежат сивилото на атмосферата и условите во кои се снимало, па затоа го засилиле интензитетот на боите во процесот на пост-продукција.

-За да ја постигнеме драматиката и да го доловиме карактерот на ликовите, ги поставувавме многу блиску до камерата и снимавме со широки објективи – вели Фомичев.

Тој истакна дека идејата на режисерот најпрво била да сними филм за затворите, но ниту една продукциска куќа не му одобрувала средства за такво сценарио. На крај, едноставно му го дале готовото сценарио за овој филм, кој обработува поуниверзална тема за татко кој бил отсутен од животот на детето за подоцна да се врати. Режисерот прифатил да снима според тоа сценарио и така настанал филмот „Како Виктор Лукчето го однесе Алексеј коњот во центарот за инвалиди“.