Делегациите на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, Влашката заедница во Битола и градот Битола, денеска положија цвеќе на гробот на Милтон Манаки.

Претседателот на годинашното жири на фестивалот, кинематограферот од Норвешка Пол Рене Ростад, кој е и претседател на асоцијацијата на кинематографери ИМАГО, рече дека е почестен што е дел од делегацијата на „Браќа Манаки“. Делегацијата ја сочинуваа и Гена Теодосиевска, уметнички директор на „Браќа Манаки“, и членот на жирито, кинематограферот од Италија Лука Коасин. Теодосиевска истакна дека фестивалот „Браќа Манаки“, како и изминативе децении, ја негува традицијата на оддавање чест на Милтон Манаки.

Стефан Хаџи-Андоновски, претседател на аматерскиот кино-клуб „Студио Милтон Манаки“ и член на Влашката заедница во Битола, кусо ги потсети присутните за животот и делото на првиот балкански снимател. Тој истакна и дека битолскиот кино-клуб секоја година на 5 март (денот на смртта на Манаки) одржува комеморација со пригодна програма. Кино-клубот го организира и фестивалот насловен „Камера 300“.

Претставниците на фестивалот, Влашката заедница и градот ја негуваат оваа традиција на сеќавање на првиот филмски снимател на Балканот. За одржувањето на гробот на Милтон Манаки (1880-1964) на Влашките (или Арoманските) гробишта во Битола се грижат членовите на Влашката заедница. Јанаки Манаки, пак, починал во Солун и таму е погребан.