27 септември, Битола – Филмовите „Фелисите“, од главната компетиција за награди, снимен во Африка и „Ѕверот е се’ уште жив“ од документарната програма, денеска поттикнаа интересни дискусии со гостите на Фестивалот за предизвиците на снимањето филм во Африка, како и комунистичкото минато турнато под тепих во Бугарија.

Филмот „Фелисите“ на францускиот режисер Алан Гоми, добитник на Сребрена мечка во Берлин, заедно со кинематограферката Селин Бозон даде интересен приказ на Африка, или како што би рекла и самата кинематограферка, ги урна клишеата и ни ја прикажа Африка во сурово и веродостојно издание.

-Се работи за филм во кој документарниот аспект и приказот на Киншаса е исто толку значаен колку и приказната. Работата на овој филм мене лично ми отвори нов, магичен свет. Во мојата кариера сум патувала во многу земји, но Африка е нешто незамисливо и посебно – рече Селин Бозон.

На француската кинематограферка најголем впечаток од снимањето и’ оставило преплетувањето на трите главни аспекти на филмот: документарниот, музичкиот и ноќното снимање во африканските шуми. Луѓето во Африка пак, се приказна за себе.

-Луѓето во Киншаса имаат сосем поинаков пристап кон камерата отколку европјаните, бидејќи не им се случува често да се снимаат филмови таму. Затоа имавме несекојдневна можност да снимиме спонтани ситуации за време на сетовите – објасни Бозон.

Од миговите по кои ќе го памети снимањето во Африка, ја издвои приказната каде што главната актерка имала блиска средба со диво африканско животно наречено oкапи.

Гостин на фестивалот е и Јеспер Андерсон, претставник од Институтот за филм во Данска, како една од земјите во фокус во годинашната програма. Во разговор со уметничкиот директор на фестивалот, Гена Теодосиевска, Андерсон ги објасни предизвиците со кои се соочуваат филмаџиите од Данска.

Тој рече дека повеќе дански режисери одбираат да работат во странство, посебно во Британија, поради поголемите буџети за снимање кои се нудат, но, и покрај тоа, своите најдобри и најпознати филмови ги прават токму во родната Данска.

Она што е интересно во Данска, е што се обрнува големо внимание на продукцијата на детски филмови. Така, 25 отсто од сите фондови за филмска продукција одат токму на филмовите за деца, но и покрај тоа Јаспер Андерсон смета дека во 70-те и 80-те години, Данска имала многу посилна продукција на детски филмови.

За тинејџерите како специфична категорија пак, имаат посебен метод за филмска едукација:

-Тинејџерите се тешка возрасна група. Тие не сакаат да гледаат ниту филмови за деца, ниту филмови за млади. Најлесно им пристапуваме така што оставаме на нив да си ја креираат програмата која што сакаат да ја гледаат во кинотеките, без да им се мешаме и без никаква наша интервенција. Па така, таа група на млади која ја склопува програмата, потоа си кани свои пријатели и врсници и имаме каква-таква публика од таа возраст во кината – објаснува Андерсон.

Што се однесува до најчестите партнери на Данска за филмска копродукција, на прво место се останатите скандинавски држави, но во последно време има соработки и со балканските земји, како Бугарија и Хрватска.

Мина Милева и Весела Казакова се режисерското дуо кое стои зад документарниот филм „Ѕверот е се уште жив“, кој во Бугарија предизвика оган и пламен од реакции поради специфичноста на темата која ја обработува – комунистичкото минато на Бугарија.

Двете режисерки беа присутни на прес-конференцијата по вчерашната проекција на нивниот документарец и на интересен начин го објаснија патот по кој нивните филмови се пробиле од цензура до фаза на популарност во Бугарија.

-Се работи за комплексна тема. Речиси сите прогресивни луѓе сакаат да се гледаат како социјалисти. Јас живеам во Англија многу години и често се расправам со т.н „Шампањ – социјалисти“, високообразувани интелектуалци, со кои се прашуваме дали социјализмот е воопшто возможен и економски одржлив. Нашата основна премиса е да се спојат приказните од луѓето во Бугарија за кои никој не знае, заедно со проучување на марксистичките идеи, и формите на пораз на идеите на социјализмот низ светот. Исто така, значајна тема на филмот е прашањето зошто комунизмот и социјализмот не се изучуваат правилно во Бугарија – објасни Мина Милева.

Весела Казакова пак, раскажа дека во Бугарија, покрај проекциите на филмот во кино, имале и неколку проекции по универзитетите, кои што резултирале во жолчни дискусии со младите луѓе кои го доживувале филмот доста емотивно, посебно младите левичари кои не знаеле ништо за бугарското минато.

Интересно за овој филм е што цензурата од државата, всушност, им помогнала да се популаризираат. Нивниот прв филм, „Чичко Тони“ бил отворено цензуриран и не се прикажувал никаде во Бугарија, па тие едноставно се концентрирале на странските фестивали и го поставиле филмот на Јутјуб.

-Со овој филм пак, стратегијата на естаблишментот беше филмот едноставно да се игнорира и без да го добие потребното внимание, проекциите да станат неодржливи. Така беше се додека филмот не се прикажа во прајм-тајм терминот на телевизија. Тоа беше проследено со оган на социјалните мрежи, на Фејсбук и Твитер, каде што навистина се случуваше војна. Бугарската социјалистичка партија излезе со една изјава во која бараше да бидеме цензурирани и аболицирани… Со тоа практично ни направија услуга, бидејќи ако немаа реакција, немаше да се направи толку голем импакт за филмот. Оттогаш сите во Бугарија почнаа да одат на проекциите – објасни Мина Милева.

Проблемот го лоцираат во тоа што во Бугарија не минала низ процес на лустрација, па, според нив, огромен процент од актуелните функционери во Бугарија се кадри од КГБ, а нивниот личен придонес кон расветлувањето на минатото е нивната вистинска артистичка вокација.

-Филмот потегна многу емоции и реакции кај гледачите во Бугарија. Многу луѓе почнаа во нас да гледаат активисти, што беше изненадувачки за нас одеднаш да се најдеме во таа улога. Но сметам дека со овој филм го најдовме вистинскиот правец во нашата работа – заклучи Весела Казакова.

Во редовниот термин за одржување на мастеркласовите на 38. „Браќа Манаки“, секој ден во 12 часот во малата сала на Домот на културата, фестивалските гости, публиката и студентите имаа можност да присуствуваат на разговорот со австрискиот кинематографер Кристијан Бергер, познат како близок и постојан соработник на врвниот режисер Михаел Ханеке. Мастеркласот се одржа во соработка со „Првите филомови на прво место“ (First Film First).

Зборувајќи за работата со Ханеке, со акцент на филмот „Белата панделка“, добитник на Оскар од неанглиско говорно подрачје, Бергер рече дека е голема привилегија да се работи со таков голем режисер и дека во работата со него се потребни многу концентрација и голема енергија.

Бергер потенцираше и дека односот на актерите кон камерата треба да биде како во љубовна врска, дека сака чиста сцена за да нема многу препреки за актерите да ги остварат барањата на режисерот и дека неговиот прв принцип за осветлувањето е базиран на документаристичкиот пристап, односно да се биде во вистинско време на вистинско место. Како врвен експерт во поставувањето на осветлување за филмскиот кадар, тој презентираше повеќе системи за осветлување кои ги користел во различни филмови на кои работел до сега.

Во студентската програма, пак, беа прикажани кратки филмови на студенти од Македонија и регионот, по што следуваше дискусија, која ја модерираше Ѓорѓи Пулевски. На дискусијата се отворија интересни прашања, помеѓу кои односот помеѓу кинематограферот и младите режисери и нивното меѓусебно влијание во работата, како и свесноста на режисерот и целиот тим за општествената и идеолошка заднина на филмските приказни.

На денешното филмско мени, во програмата европски перспективи ќе може да се види филмот „Леди Макбет“, потоа компетицијата на кратки филмови, филмот „Мајки“ на Милчо Манчевски и австрискиот филм „Скриени резерви“. Од главната програма, денеска, се прикажуваат филмовите „Месечината на Јупитер“ за младиот сириски бегалец Ајран, кој се обидува да ја премине унгарската граница, и корејскиот филм „Не плажа ноќе сама“ за актерка која по неуспешна љубовна афера си дава простор за себе.