25.септември, Битола –  Со задоволство ве известуваме дека денешниот ден на фестивалот Браќа Манаки понуди изобилство на содржини и програма. Во големата сала на Центарот за култура започна Детската програма и ученици од неколку основни училишта од Битола уживаат во првиот филм од програмата.

Во редовниот термин за прес конференција, гостуваше  кинематограферката на филмот „Трага од Дивеч“ кој е дел од официјалната компетиција, Јоланта Дилевска. Таа, оваа година е по четврти пат е застапена во официјалната компетиција на Браќа Манаки – овој пат со филмот „Трага од Дивеч“. Таа за прв пат учествуваше на фествалот во 2006 година, со филмот  „Момчето на галопирачкиот коњ“, а има освоено и Златна и и Сребрена Камера 300.

Филмот „Трага од дивеч“ е во режија на Агњешка Холанд, а се работи за втора соработка на Јоланта Дилевска со таа режисерка. Претходната нивна соработка „In the darkness“  е добитник на наградата „Златна камера 300“ во 2012 година.

Јоланта Дилевска е воедно и режисерка, претежно на документарни филмови. Таа во разговорот истакна дека работата на филмот не била едноставна:

-Работевме со животни како актери, а режисерката Агњешка Холанд е режисер со голема визуелна интелигенција, па работата со неа е голем предизвик- рече Дилевска.

ИФФК Браќа Манаки го одбележува јубилејот 70 години од основањето на Вардар филм, а тоа беше и повод да се прикаже новиот документарен филм „Тоа беше добар филм“ во продукција на МРТ, кој е реализиран со помош од Кинотека на Македонија.

На прес конференција во Битола беа присутни Никола Калајџиски, Соња Самарџиева, и  Томи Алексов, а со нив разговараше уметничката директорка на фестивалот, Гена Теодосиевска

Се работи за документарен филм составен од интервјуа со актуелни филмски работници од Македонија, како и инсерти од постари архивски материјали на филмови и личности од македонската филмска индустрија.

Никола Калајџиски објасни дека во проектов влегле со Томислав Алексов, со кој работејќи на друг проект низ разговор заклучиле дека е редно да се одбележи 70 годишнината од формирањето на Вардар филм.

-Нашата куќа е должна да го одбележи љубилејот и ако ништо друго да потсети на него. До филмот дојде на една случајна средба со мојот колега Томислав Алексов, со кој работевме еден документарец. Тој ми рече дека 70 години Вардар филм и е нешто што сме должни да го одбележиме, а јас со задоволство прифатив да асистирам. Така влеговме во продукција на еден филм кој јас многу емотивно го доживеав. Беше тоа едно многу специфично чувство, бидејќи се работи за филм за нешто што било гордост за сите нас сиве овие 70 години, а во моментов го нема. Токму затоа и поднасловот на филмот е „Љубовна приказна за една невозвратена љубов“ – рече Калајџиски.

Тој исто така додаде и дека вчерашната проекција на филмот на фестивалот сите од тимот ја доживеале многу емотивно и за крај ја упати пораката: „Филмски работници од Македонија, ве молам обединете се!“.

Од екипата на филмот „Сенки над Балканот“  пак, присутни беа режисерот Драган Бјелогрлиќ, копродуцентот од македонска страна, Тони Салковски, режисерот на епизодата Игор Иванов и актерите Марија Бергам, Јана Стојановска,  Перо Арсовски и Пепи Мирчевски.

„Сенки над Балканот“ е серија изработена како копродукција помеѓу Србија, Македонија, Русија и Босна и Херцеговина, која наскоро ќе се емитува на МТВ. Една епизода од серијата беше прикажана како дел од вчерашната програма на фестивалот.

Драган Бјелогрлиќ објасни дека периодот помеѓу двете светски војни му бил предизвик, а за потребите на филмот работел со историчари со цел подетално да  ги осозне патиштата на опиумската мафија која функционирала на овие простори, а според него токму во тој период помеѓу двете светски војни се одвивале односите кои што кои ќе го дефинираат остатокот од 20 век.

-Работев со историчари од кои едниот ми беше косултант за руската тема, другиот за балканските патишта на опиумот и третиот за  ВМРО, професорот Жежов од Македонија. Истражувајќи го тој период дојдов до неколку интересни приказни, за руската царска војска која во СХС фунцкионирала како своевидна паравоена формација- рече Бјелогрлиќ.

Актерот Петар Арсовски вели дека иако на почеток се двоумел дали да ја прифати понудата за соработка, по средбата со режисерот веднаш нашле заеднички јазик, а неговиот начин на рабоа му оствил добар впечаток.

-Тоа што Драган Бјелогрлиќ учествуваше во речиси целиот процес и како режисер и во кастингот и продукцијата, е доказ дека не е лошо еден човек да ги има сите палки во своите раце и да успее да развие една таква хармонична екипа, каде што секој од нас се чувствува и како дел од екипата, но воедно внесува и свој авторски, индивидуален, прилог во филмот- вели Арсовски.

Игор Иванов – Изи, режисер на дна епизода од серијата објасни дека за него работата на филмот била интерсно искуство, бидејќи не бил на врвот на креативната хиерархија.

-Ова е проект во кој јас не сум на врвот на креативната хиерархија, бидејќи сериите така се работат. За мене ова беше интересно, затоа што на маниристички начин човек влегува во проектот по естетски параметри кои некој друг му ги поставил. Беше навистина супер бидејќи ја гледаш „партијата шах“ малку од страна и тоа дава фдруги креативни можности- вели Иванов.  

Тој исто така додаде дека Бјелогрлиќ како режисер ги следи трендовите, што е многу значајно.

-Она што за мене беше најважно е тоа што Драган Бјелогрлиќ воопшто не каска по трендовите и овој жанр кој што го обработува, овој историски трилер, е апсолутно актуелен. Она што за мене беше најфасцинантно е тоа што овој човек има свест за публиката на која и се обраќа, што е реткост. При тоа не мислам на истражувањата што денеска ги прават големимте дистрибутерски компании од западот, тоа е повеќе на ниво на талент и интуииција. По мое видување од таа свест, потекнува и анахроната и еклектична естетиката која Бјелогрлиќ ја воспоставува во овој серијал – вели Иванов.

Кинематограферот Иван Костиќ не беше присутен, но Бјелогрлиќ изрази големо задоволство од неговата работа.

-Жал ми  е што директорот на фотографија Иван Костиќ не е присутен денеска со нас. Ова е негова прва самостојна работа, тој претходно работеше како помошник на директорот на фотографија на мојот филм „Монтевидео“. Приметив дека човекот има посебен поглед на работите и предлагаше доста интересни но необични, но конзистенстни кадри- вели Бјелогрлиќ.

Актерите Пепи Арсовски,  Јана Стојановска и Марија Баргам пак, го изразија своето задоволство што имале можност да работат со ваква професионална екипа.

Еден од централните настани на програмата денеска, беше мастер класата што ја одржа лауреатот на Златна Камера 300 за животно дело, великанот на француската кинематографија, Пјер Лом.

Синоќа во чест на големиот италијански мајстор на кинематографијата, Џузепе Ротуно, добитник на наградата „Златна камера 300“ за животно дело на 38. ИФФК „Браќа Манаки“, во малата сала на Центарот за култура во Битола мастерклас одржа неговиот некогашен студент и актуелен член на жирито за главните награди на фестивалот, кинематограферот Лука Коасин.

Со приказ на повеќе документарни фотографии и инсерти од филмските ремек-дела, кинематограферот Коасин ги откри тајните на карактерот и на занаетот на еден од најзначајните италијански мајстори на кинематографијата, Џузепе Ротуно, главно зборувајќи за неговата работа со легендарните Лукино Висконти и Федерико Фелини, но беа откриени детали и од работата со режисерите Роберто Роселини, Виторио де Сика, Боб Фос, актерите Марчело Мастројани, Клаудија Кардинале, Ален Делон и многу други.

Во однос на карактерот на Ротуно, како студент и сега како пријател, Коасин откри дека Ротуно и на 90 години изгледа како дете, но на сетот секогаш бил авторитетен и екипата кон него се однесувала со извесна доза на стравопочит. Од студентските денови Коасин се сеќава дека Ротуно ги поучувал дека камерата е сервис на приказната и на сценариото, а целото свое знаење и искуство секогаш ги става во функција на подетално доловување на филмската приказна и осликување на карактерите на актерите. Коасин потенцираше дека Ротуно е мајстор на крупните кадри (close up), но и дека во неговите кадри има планови што носат повеќе дејства во исто време.

Од официјалната програма, денеска на програмата се филмовите „Жаба“ и „Од ништо“, како дел од официјалната компетиција за „Златна камера 300“.