24.09.2017 Битола – На денешната прес-конференција во фестивалскиот центар – Театар Битола гостуваше екипата на „Насоки“, кој што беше прикажан синоќа на отворањето на фестивалот, како прв од филмовите во главната селекција.

Од екипата на филмот „Насоки“, кој е во македонско-бугарско-германска копродукција, присуствуваа кинематограферот Веселин Христов, копродуцентите од македонската продуцентска куќа „Сектор филм“, Владимир Анастасов и Ангела Несторовска, актерите Тројан Гогов и Борислава Стратиева, како и мејк-ап артистот Мартин Павловски и костимографката Жаклина Крстевска.

Продуцентката Ангела Несторовска од „Сектор филм“ рече дека ова не е нивна прва соработка со режисерот Стефан Командaрев, бидејќи нивната продукциска куќа веќе соработувала со него на филмот „Пресуда“ и се надева дека соработката ќе продолжи и во иднина.

-Светската премиера на филмот „Насоки“ беше веќе беше прикажан во Кан во програмата „Un certain Regard“, а филмот беше дел и од официјалната програма во Сараево, деновиве беше и во рамки на Торонто, а наскоро следуваат премиери и во Бугарија на „Златна роза“, како и во Хамбург, Германија – рече Несторовска.

Владимир Анастасов истакна дека се работи за нискобуџетен филм, снимен со само 600.000 евра, но доста успешен во фестивалскиот и дистрибутивниот импакт.

-Секако по оваа македонска премиера ќе следува и дистрибуција во Македонија, стратегијата е дека филмот ќе биде прикажуван за битолската публика а потоа ќе имаме диструбуција и во Скопје и другите градови. Филмот е веќе продаден во Франција, Кина, Турција, а има доста земји кои што се заинтересирани. АРРИ добро го дистрибуираше низ светот и ние сме презадоволни од фестивалскиот и дистрибутивниот импакт кој што го имаме до сега.

Кинематограферот Веселин Христов објасни дека снимањето на филмот било предизвикувачко, бидејќи се снимало во ноќни услови, во клаустрофобичен простор на такси возило во движење и со долги кадри.

-Снимањето се заврши доста брзо, за околу 2 седмици. Еден кадар трае по десетина минути, па затоа снимањето одеше многу брзо, за една ноќ снимавме по една сцена. Снимките во кола и во ноќни услови се доста тешки, па користевме мала камера од АРРИ „Алекса Мини“. Идејата е целиот филм да изгледа полу-документарно, па решивме да снимаме со рачна камера, која постојано ги следи актерите внатре и надвор од автомобилот – објасни кинематограферот Христов.

Актерката Борислава Стратиева  вели дека за неа претставувало голема чест да работи со Командарев, а „Насоки“ е нејзин прв долгометражен филм.

-Доживеав огромна ментална и физичка трансформација за време на снимањето, бевме турнати преку работ, беше навистина тежок ден. На пробите дури и си го повредив прстот и во такси возилото имаше крв – вели Стратиева.

Актерот Тројан Гогов, изнесе уште поинтересни детали од снимањето.

-Улогата беше голем психички тест за мене. Мојата улога е во сцена со самоубиец кој скока од мост и за потребите на улогата се советував со најдобриот психолог и криминолог во Бугарија, за да ги осознаам фазите низ кои минува човек кој има самоубиствени тенденции – рече Гогов.

Од македонскиот дел од тимот присуствуваа и костимографката Жаклина Крстевска и мејк-ап артистот Мартин Павловски. И двајцата го изразија своето задоволство од учеството во филмот и одличната соработка која ја имале со режисерот и целокупниот тим.

Инаку, сценариото на филмот е резултат на истражувањето на режисерот, кој минал повеќе од 12.000 километри возејќи се во такси во Софија и приказната е конгломерат од приказните кои ги чул од таксистите, како што објасни продуцентката Ангела Несторовска.

-Сцената со убиството е по вистински случај, кој се случил  пред околу десетина години во Бургас, а ликот на свештеникот кој вози такси е исто така, делумно реален, бидејќи во Софија има тројца таксисти кои што преку ден се свештеници, а навечер заработуваат дополнително со возење на такси – објасни Несторовска.

Веднаш по претставувањето на гостите од „Насоки“, уметничката директорка на фестивалот, Гена Теодосиевска, разговараше со  Клеменс Данцер/Clemens Danzer, претставник на глобалната компанија во индустријата на подвижни слики, АРРИ, која оваа година ја прославува 100-годишнината од своето постоење. АРРИ е водечки дизајнер и производител на системи за снимање и осветлување во филмската и радиодифузната индустрија, со мрежи на глобална дистрибуција и услуги. Компанијата е формирана во 1917 година, во Минхен, Германија, кадешто и денеска се наоѓа нејзиното седиште.

-Многу сум возбуден што сум овде. За прв пат сум во Македонија, па жал ми е што не го говорам вашиот јазик се уште, но се надевам дека ќе бидам овде почесто и тоа ќе се промени. Она што навистина ми се допаѓа околу фестивалот е што е фокусиран на кинематограферите, сметам дека тоа е многу посебно, доколку се спореди со останатите фестивали во Европа. Кинематограферите се луѓето коишто ја овозможуваат филмската магија и ни ја пренесуваат емоцијата – рече Данцер.

Тој понатаму објасни дека срцето на АРРИ, компанијата за која тој работи веќе 26 години, се, всушност, инженерите кои постојано работат на иновации и подобрување во опремата за снимање филмови и ја поставуваат АРРИ како лидер на светскиот пазар, посебно со новата мини камера Алекса, која се повеќе кинематографери ја користат како главна камера за снимање на филмовите, иако првично била замислена како помала, споредна камера.

Денеска се одржува и мастеркласа со Лука Коасин, во чест на лауреатот Џузепе Ротуно. Што се однесува, пак, до филмскиот дел на програмата, од конкуренцијата за награда „Златна камера 300“ ќе се прикаже филмот  „Трага од дивеч“ во режија на Агњешка Холанд и Касиа Адамик, а Јоланта Дајлевска и Рафал Парадовски се во улога на кинематографери.

Од документарната програма денеска на програмата се  „Танцувајќи го Бетовен“. Исто така, ќе има и два филмови од годинашните земји во фокус – Австрија и Данска, „Грдо“ на Јури Речински и „Розита“ на Фредерике Аспок.

Гостите и новинарите по денешната прес-конференција имаа можност да дегустираат автентични македонски производи, ајвар, лутеница, квалитетни сирења од Хина и од Битолска млекара и на крај се напија по една чаша вино од Тиквеш.