Манаки Android апликација
manaki2013_1280x720.mp4
34 oфицијално видео
34 програма
Programa FINAL2013-WEB.pdf
Дома

Пионерите на македонскиот филм, Јанаки (1878 – 1954) и Милтон (1880 – 1964) Манаки, се родени во малото влашко село Авдела. И покрај различните карактери и темперамент, тие работат заедно надополнувајќи се еден со друг во една хармонична целина. Нивната прва професионална љубов е фотографијата. Во 1898, Јанаки отвора фотографско студио во Јанина, каде работи како учител по калиграфија и цртање во средното трговско училиште. Истата таа година, Милтон Макани му се придружува на својот брат и во неговото студио започнува да го изучува фотографскиот занает. Неговиот љубопитен дух и посветеноста придонесуваат Милтон за многу кратко време да стане мајстор по фотографија.

Во 1904, браќата Манаки одлучуваат да се преселат во градот Битола. Во тој период, Битола е значаен политички, економски и културен центар на Балканот. Таму, една година подоцна, тие го отвораат познатото фотографско aтеље. Уште една значајна година за браќата е 1906, кога на покана на Кралот Карол I земаат учество на големата светска изложба на фотографија во Синаја, Романија. Со својата збирка на фотографии освојуваат Златен медал и како резултат на тоа стануваат кралски фотографи на неговото височество Карол I. Подоцна, во 1911 година, се лични фотографи на турскиот Султан, а во 1929 – на југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ. Искуството со фотографскиот апарат е извонредна визуелна подготовка и им дава солидна основа за работање со филмската камера. Периодот на преминување од 19 во 20 век е време на Илинденското востание и Крушевската Република, Балканските војни и Првата Светска Војна, време на расцутот на Битола која тогаш прерасна во конзуларно - воен центар на балканското крило на Отоманската империја, со претставници на европските сили и балканските земји, а тука била стационирана и Третата Турска Армија составена од 30000 војници. Во то време, Битола има Воена Академија, како и други училишта, потоа банки и печатници, претставува трговски центар, под влијание на Европската мода, со богати семјства но, исто така и со сиромаштија на периферијата. На кратко, Битола е еден интересен и привлечен животен конгломерат што неодоливо ја привлекува љубопитноста на браќата Манаки, кои интензивно работат со својата фотографска камера.

Според сеќавањата на Милтон Манаки, во 1905 година, неговиот постар брат Јанаки пропатувал низ метрополите на неколку европски земји. Во Лондон ја купил филмската камера Биоскоп на Чарлс Трејд Компани, со сериски број 300. Со оваа камера, позната како Камера 300, браќата ја овековечуваат својата 114 - годишна баба Деспина како преде со други жени од семејството и соседството(1905). Тоа се првите подвижни слики створени од браќата Манаки, што го означуваат почеток на македонската кинематографија. Милтон и Јанаки го снимаат својот прв филм само 10 години после браќата Лимјер. Од балконот на нивната семејна куќа на Широк Сокак во Битола, Милтон и Јанаки снимаат бројни документарни филмови што сведочат за сите аспекти на животот во тоа време во градот под падините на планината Пелистер.

Покрај фото студиото и снимањето со Камерата 300, браќата Манаки исто така организираат прокции на филмови. Во 1921, го прикажуваат првиот филм во нивното ново кино "Манаки", под отворено небо на Широк Сокак. Отвореното кино беше привремено решение што не ги задоволуваше браќата. Подоцна, тие градат затворено кино, во кое првата проекција се одржува на 1 декември 1923 година. Ова кино доживува различни успеси, со различни сопственици се до 1939, кога изгорува до темел.

Браќата, во нивните филмски дела се стремат кон издигнување на секојдневниот живот на ниво на уметничко дело. Со нивната камера, тие се во постојана потрага по атракции и невообичаени настани. На почетокот, инспирирани се од домашните етнографски случувања ("Прослава на Свети Кирил и Методиј на Широк Сокак во Битола", "Верски празник Задушница", "Градска свадба во Битола"…), a подоцна, се осврнуваат на големи историски и ексклузивни настани ("Турскиот Султан Мехмед V Решад во посета на Солун и Битола", "Паради во Битола на Турската артилерија, пешадија и коњаница по повод Хуриетот и Младотурската револуција", "Репресалии од Турскиот аскер врз македонското население"…). Она што е карактеристично за браќата Манаки е фактографскиот однос кон реалноста, извонредна селекција на најзначајните елементи на историската стварност, извонредното чувство за композиција на кадарот, со негова континуирана динамика, креативниот избор на агли на снимање итн. Евидентна е нивната перманентна окупираност со снимање на масовни сцени, сцени на екстремно долги процесии, паради и спектакли, масовни психози и возбуди.

Кратко пред својата смрт, Милтон ги предава сите негови фотографии и документи на Државниот Архив на Македонија. Благодарение на овој чекор, зачувани се особено значејни дела на браќата Манаки. Денес, во Архивот на Битола се чуваат 17857 фотографии, од кои 10952 се оригинали изработени од браќата, а останатите се изработени од зачуваните негативи. Преку 2000 метри снимен филмски материјал, развиен и копиран за прв пат во 1950 година и пренесен на 35мм копија во лабароторија во Будимпешта во 1955, сега се чува во Кинотеката на Македонија во Скопје.

Браќата Манаки оставаат големо богатство од фотографии и филмски дела што имаат голема историска документарна вредност, раскошно сведоштво за Македонија во периодот кога Милтон и Јанаки живееа и твореа.

Благоја Куновски