ПИЕР ЛОМ НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО ЗЛАТНА КАМЕРА 300

Втор добитник на наградата за животно дело ЗЛАТНА КАМЕРА 300 на 38 издание на фестивалот Браќа Манки е францускиот и светски кинематографер Пиер Лом// Скопје – Со особено задоволство Ве известуваме дека големиот италијански и светски кинематографер ПИЕР ЛОМ/PIERRE LHOMME е првиот лауреат на Златна камера 300 за животно дело на годинешното 38. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, што ќе се одржи од 23 до 30 септември во Битола.

 Ова денеска го соопшти директорот на Фестивалот, Благоја Куновски – Доре, кој истакна дека со доделувањето на Златнaта камера на овој кинематографер се заокружува Клубот на великани на Фестивалот „Браќа Манаки“./AFC

 Прифаќањето на наградата од страна на г-дин Лом, во досегашното мое искуство, се случи најбрзо можно, што ме ободри со фактот дека тој знае за нашиот фестивал, за тежината на наградата што ја добива и честа што му ја укажуваме. По упатувањето на поканата, попладнето на 10 мај, веднаш утредента предпладне од г-дин Лом стаса позитивниот одговор низ зборовите: 

 „Ви благодарам на поканата и за Наградата за животно дело. Ја прифакам со задоволство. Ќе дојдам со мојата сопруга Рене/Renee и би останале неколку денови за да уживаме во фестивалот и да ја откриеме/запознаеме вашата земја”. 

Ќе патуваме од Марсеј или од Париз,

 Нашите најдобри мисли,

Пиер Лом“

-Се разбира, бев радосен, му се јавив веднаш, заблагодарувајќи и искрено му пишав дека тој ден ми го направи посебен.

Пребогатиот опус на Лом, исполнет со над 100-на филмови, околу 60 целовечерни играни, преостанатото од документарни и кратки, во кариера која траеше над половина век, го красат разновидни визуелни, кинестетски и жанровски изрази. Другата специфика во таа насока е што соработувал со плеада водечки француски режисери, а има значајна група филмови потпишани и од странски автори. Многу од тие филмови беа промовирани на Канскиот фестивал, каде Лом има своја награда како кинематографер, а исто така е лауреат на главната француска награда- Сезар за неколку антологиски филмови.

Пиер Лом е роден на 5 април, 1930 година во градчето Булоњ-на-Сена/Boulogne-sur-Saine, Франција. Од 1951-53 во Париз се школувал на Ecole Nationale Superieure-Louis Lumiere, а значајно му е и школувањето на филмски школи во Америка. Исто така, од 1990-93, бил претседател на АФЦ/AFC, Асоцијацијата на француските кинематографери, чиј почесен претседател е сега.

Во текот на кариерата доследно работел снимајки кратки, документарни и целовечерни играни филмови, а природно, по школувањето во раниот период од 1950 до 1960 се калел како снимател и асистент на камера. Во таа прва етапа ги снимал кратките филмови на подоцна маркантните француски режисери, како Ерик Ромер, Филип де Брока, Жан Осташ, Крис Маркер, со кого, по самостојното реализирање на краткиот филм во својство и на режисер -ПАРИЗ МОЈ ДРУГАР/PARIS MON COPAIN (1954), ќе го корежира и долгометражниот документарен филм УБАВИОТ МАЈ/LE JOLI MAI (1962, со Ив Монтан, Симон Сињоре и самиот Лом како наратори), по кусиот, уште еден портрет за Париз и Парижани, во пролетта 1962 по прекинот на колонијалната војна и траумите од Алжир. Во текот на 1978 е и серијата кратки филмови што Лом ќе ги сними со Маргарет Дира.

Филмографијата на Лом видливо покажува дека тој не се врзувал категорично за некој режисер за да градат тандем, иако се гледа дека со една група режисери снимал по 2, 3 или 4 филма, стекнувајќи одредена навика да му парира на неговиот режиски стил со визуелно адекватен израз, сеедно дали е тоа во црно-бела или колор фотографија. Во таа група со кои сепак ја повторувал соработката, спаѓаат, во прв ред француските познати режисери: Жан-Пол Рапно/Jean-Paul Rappeneau, со филмовите: ДИВАТА/LE SAUVAGE (1976, Номинација за Сезар ), ЗАГРЕАНИ/ALL FIRED UP и еден од најдобрите снимени филмови на Лом-СИРАНО ОД БЕРЖЕРАК/CYRANO de BERGERAC (1990, подолу повеќе за ова ремек дело); Патрис Шеро/Patrice Chereau со: ТЕЛОТО НА ОРХИДЕЈАТА/THE FLESH OF THE ORCHID (1976, Номинација за француската филмска награда Сезар) и ЏУДИТ ТЕРПОВ/JUDITH THERPAUVE (1979, пак Номинација за Сезар); Клод Милер/Claude Miller со: ОВАА СЛАТКА БОЛЕСТ/THIS SWEET SICKENSS (1978, нова Номинација за Сезар ) и СМРТЕН КРУГ/DEADLY CIRCUIT (1984, петтата Номинација за Сезар); Алан Кавалие/Alain Cavalier со: ОГАН И МРАЗ/FIRE AND ICE (1961, вториот филм од стартот на кариерата како самостоен кинематографер во црно-бела фотографија), ОГРАБЕН/PILLAGED (1967), СРЦЕБИЕЊЕ/HEARTBEAT (1968); Со Американецот James Ivory/Џејмс Ајвори, Лом ги снимил филмовите: МОРИС/MAURICE (1987), КВАРТЕТ/QUARTET (1981), РАЗВОД/THE DIVORCE (2003, како негов последен во активната кариера) и историската биографска драма за двојниот живот на американскиот претседател ЏЕФЕРСОН ВО ПАРИЗ/JEFFERSON IN PARIS (1995).

Списокот на единечна соработка на Пиер Лом со некој режисер е нешто поголем, а во оваа пригода селективно ги издвојувам следниве режисери и нивните филмови: Ив Боасе/Yves Boisset со КОПЛЕН СИ ЈА СПАСУВА КОЖАТА/COPLAN SAVES HIS SKIN (1968), Американецот Вилиам Клајн/William Klein со Г-дин СЛОБОДА/Mr.FREEDOM (1968), Германскиот режисер, Оскаровецот Фолкер Шлондорф/Volker Schlondorff со ПАТНИК/VOYAGER (1991, со Сем Шеперд и Џули Делфи во авантуристичката страстна љубовна драма), Клод Бери/Claude Berri со LE SEX SHOP (1972), Беноа Жак/Benoit Jacquot со ДЕЦАТА ОД ПЛАКАРОТ/CLOSED CHILDREN (1977), Душан Макавејев/Dusan Makavejev со СЛАДОК ФИЛМ/SWEET MOVIE (1974), Жак Доијон/Jacques Doillon со ЌЕРКАТА ШТО ВЕТУВА/THE PRODIGAL DAUGHTER (1981), Бертран Блие/Bertrand Blier со МОЈ ЧОВЕК/MY MAN (1996).

Сепак и во опусот на Лом, според мојот афинитет и вкус, има најврвни креации, кои во доменот на визуелниот израз ја потврдуваат неговата висока кинематограферска класа. Во суптилитетот на рецентниот израз на Робер Бресон, во адаптацијата на антологискиот кус расказ “Белите ноќи” на Достoевски и неговата модерна верзија, во парискиот амбиент на Pont-Neuf, Лом ја внесува магијата на средбата меѓу младиот сликар и разочараната девојка на работ на самоубиство, во филмот ЧЕТИРИ НОЌИ НА СОНУВАЧОТ/FOUR NIGHTS OF A DREAMER (1971). Со сродна колор гама Лом и во филмот БРОДОВНА НОЌ/LE NAVIRE NIGHT на секогаш непредвидливата, неконвенционалната Маргарет Дира/Marguerite Duras- низ панорамските сликања на париските улици, ја доближува заканувачката трагика на двајца вљубени кои како фатално да не се сретнуваат (Доминик Санда и Матје Кариер). Од историските тематики, во филмот КАМИЈ КЛОДЕЛ/Camille Claudel, на режисерот Бруно Нитен/Bruno Nuytten , Лом низ колоратурата на својот израз ја гради биографската фатална љубовна драма на автентичните уметници, тогаш анонимната Камиј Клодел (Изабел Аџани), сестрата на писателот Пол Клодел и тогаш веќе славниот скулптор Роден (Депардје), за што Лом е награден со Сезар во 1989. Во 1973 своевидно откритие на Канскиот фестивал во компетицијата беше, 3.5 часовниот филм МАЈКАТА И КУРВАТА/LA MAMAN ET LA PUTAIN, насценаристот и режисер Жан Осташ/Jean Eustache , чиј епилог беа наградата на критиката ФИПРЕСЦИ и Големата награда на канското жири. Во црно бела- фотографија, кинематограферот Пиер Лом ја гради атмосферата на бизарната ménage-a-trois љубовна сторија, базирана на автентичната љубовна врска меѓу режисерот Осташ и актерката Франсоа Лебрун, која во филмот ја игра промискуираната Вероника, а нејзиниот партнер Александер го игра Жан Пјер Ло, со Бернадет Лафон како неговата другарка Мари, вклучена во триото.

Во еден од најкултните филмови на сценаристот и режисер Жан-Пјер Мелвил/Jean- Pierre Melville, АРМИЈА ОД СЕНКИ/L’ARME DES OMBRES (1969), како адаптација на романот на Џозеф Кесел, Пиер Лом, сторијата од времето на движењето на отпорот во Франција , во текот на окупацијата во 1942, ја надградува визуелно за да ја достигне нејзината психо-трилер акциона драматика, со актерскиот тандем Симон Сињоре-Лино Вентура, во нивните повпечатливи актерски креации.

Врв на креативноста на кинематограферот Пиер Лом, ремек делото, историската драма, како филмска адаптација на антологиската љубовна поема на писателот Едмон Ростан-е во истоимениот филм СИРАНО ОД БЕРЖЕРАК/CYRANO de BERGERAC (1990) на првично спомнатиот сценарист- режисер, Рапно, во кој Лом, шекспировскиот дух на ова дело го воспева визуелно импресивно, со незаборавната актерска креација на Депардје во ликот на фрустрираниот од долгиот нос-Сирано, што е негова животна улога. Таа димензија му ја аплицира Ломовото мајсторство во работата со актерите, за што му се благодарни и сите спомнати соработници-режисери, со кои Лом го изгради својот импресивен филмски опус.

А дека круната на неговото творештво е филмот СИРАНО ОД БЕРЖЕРАК, сведочат освоените значајни филмски награди:БАФТА/BAFTA, наградата на Британската Филмска Академија, БСЦ/BSC, наградата на Британската Асоцијација на Кинематографери, Техничката Голема Награда во Кан, Францускиот Сезар за најдобар кинематографер, а неправедно беше прескочен од секако заслужениот Оскар на Американската Филмска Академија, како и од наградата на ЕФА/Европската Филмска Академија. Комплетирање на неговиот импозантен кинематограферски опус е нашата Награда за Животно Дело- Златната Камера 300, со што сме горди!

Благоја Куновски-Доре

 
2017-09-21T18:06:17+00:0022nd August 2017|Uncategorised|