Првиот лауреат на 38. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ го соопшти директорот на Фестивалот, Благоја Куновски – Доре, кој истакна дека со доделувањето на Златната камера на овој кинематографер се заокружува Клубот на великани на Фестивалот „Браќа Манаки“.

 

„Без овој великан на светската кинематографија, годинашниот лауреат на големата ’Златна камера 300‘ за животно дело, нашиот Клуб на великаните не може да се замисли. Тоа е великанот од Италија, ние претходно имавме рекордна и заслужена застапеност на големите италијански кинематографери, почнувајќи со Тонино Дели Коли, кој беше кај нас во Битола, кој и покрај неговиот грандиозен опус од 130 филмови и големи светски награди, беше среќен што е во Битола, што му доделена таа чест и стана наш пријател.

Наш лауреат беше и трикратниот оскаровец Виторио Стораро, потоа Лучијано Товоли, кој минатата година беше повторно гостин на конгресот на ИМАГО и другите големи имиња од италијанската кинематографија. Сето ова е доказ дека ние навистина светски фестивал и дека тоа природно мора да го негуваме и да водиме сметка за великаните и да не ги заборавиме дури и кога се болни и во поодмината возраст.

Минатата година, како што знаете, еден од лауреатите беше Роби Милер, кој поради болест не можеше да дојде во Битола, но ние отидовме во Амстердам, лично да му ја врачиме наградата. Оваа година имаме слична ситуација, станува збор за великан кој е во длабока старост од 94 години, но не сакавме да ризикуваме и ја искористивме можноста да му ја доделиме наградата. Тоа е наша должност како најстар и најпознат фестивал посветен на кинематограферската работа. Му ја доделуваме наградата на најголемиот жив светски кинематографер, италијанскиот великан Џузепе Пепино Ротуно.

Неговиот опус кажува сѐ, тој е човекот кој ги сними најзначајните дела на великанот Фредерико Фелини, најважните дела на Висконти, а откако го покажа својот генијален потенцијал и најголемите режисери на американската кинематографија го побараа за да ја искориста неговата моќ, неговата креативна способност и сите резултати што потоа ги покажа работејќи со Мајкл Николс, со Боб Фос го сними ’Сиот тој џез‘ и со други светски имиња, па така Џузепе Пепино Ротуно е гордост на нашиот Клуб на великани.

Тој е во длабока старост, живее во Рим со својата драга сопруга. Ние сме во постојана комуникација. Му ги понудив сите можни варијанти за доаѓање на фестивалот, но физички е неизводливо да биде присутен во Битола. Наградата која ќе му ја доделиме, ќе му ја предаде неговиот ученик и исто така голем кинематографер Лука Гоасин, а постои и варијанта да отидеме лично да му ја предадеме во Рим“, рече Куновски.

Гена Теодосиевска, уметничкиот директор на фестивалот, потсети дека минатата година, заради вонредните околности со смената на раководството на фестивалот, ДФРМ и новиот тим го подготвија фестивалот за само три месеци.

„Оваа година мислевме дека е нормално и природно веднаш да пристапиме кон подготовките на 38. издание на меѓународниот фестивал ’Браќа Манаки‘ и дека ќе имаме доволно време и дека ќе бидеме поддржани од сите оние институции коишто се должни да нѐ поддржат. Но, изгледа дека не било така“, рече Теодосиевска.

Таа додаде дека и покрај тоа што минатата година навреме било аплицирано за организација на фестивалот, средствата од Агенцијата за филм доцнеле.

„Но ова што ни се случува годинава е толку тенденциозно, што минатата година можеби беше многу полесна“, рече Теодосиевска.

Претседателот на Друштвото на филмски работници на Македонија, Роберт Насков, апелираше до новиот министер за култура и до Агенцијата за филм на РМ да се потпише договорот со Фестивалот за да тој може да се одржи, бидејќи во спротивно одржувањето на 38. издание на фестивалот „Браќа Манаки“ ќе биде доведено во прашање.

„За жал, во моментите кога објавуваме прекрасни вести и кога директорот на Фестивалот, Благоја Куновски – Доре ни ги соопштува новите лауерати во Клубот на великаните, мора да се занимаваме со она што е наш проблем, а тоа е дека ние како тим работиме за да што поквалитетно го подготвиме ова издание на фестивалот ’Браќа Манаки‘, ние сѐ уште со Агенцијата за филм на РМ немаме потпишано договор за организација на овогодишното издание.

Апелирам до новиот министер за култра, Роберт Алаѓозовски да се заложи за решавање на овој проблем, бидејќи со Агенцијата за филм не можеме да дојдеме до никаква нормална комуникација и да објасниме дека Фестивалот мора да се подготвува подолго отколку што тие замислуваат, дека треба тоа да ни дозволат тоа да го направиме. Агенцијата за филм на чело со директорката Мими Ѓоргоска – Илиевска се однесува како да е тоа нејзина лична сопственост, како да средствата што тие треба да ги одделат за организација на овој фестивал се лично нивни и така се однесуваат.

Во месец декември ние аплициравме на конкурсот за фестивали, навремено со целата потребна документација, меѓутоа, иако законскиот рок е за 60 денови тие да одговорат дали се прифаќа или отфрла нашата апликација, како што сами сведочите, поминаа 6 месеци и ние од страна на Агенцијата немаме никаков одговор. Имавме неколку разговори со директорката, но тие не вродија со плод, знаете што се случи, се појави уште една апликација која што имаше намера да го организира овој фестивал. Сметаме дека е тоа навистина непримерен чин од нивна страна и затоа апелираме што побрзо да се реши овој проблем.

Сакам јавно да кажам дека ако во наредната недела не дојде до потпишување на овој договор, сериозно ќе биде доведено во прашање одржувањето на ова издание на фестивалот ’Браќа Манаки‘, кој треба да се подготви навремено и потребни се средства за филмовите, сите придружни материјали, сите логистички работи кои што се потребни за одржување на фестивалот итн. Затоа мора да се потпише договорот, за да тимот на фестивалот може квалитетно да го организира. Се надевам дека од Агенцијата ќе добиеме позитивен одговор и сите заедно ќе се радуваме на уште едно успешно издание, како што вчера се радувавме на европската титула на Вардар“, рече Насков.

Одговарајќи на новинарски прашања, директорот Куновски рече дека фестивалот и покрај проблемите се подготвува, а дека Агенцијата и другите установи треба да го овозможат затоа што се тие тука во служба на фестивалот и на културата со буџетски средства и тие конечно мора да се соочат со тој факт и да ја завршат својата должност.

Насков додаде дека дел од планираните филмски програми нема да можат да бидат реализирани, бидејќи нема да може да се платат филмовите на дистрибутерите и тоа ќе биде на штета на публиката. Исто така, нема да можат да се поканат на време сите планирани гости, сето ова сериозно го загрозува квалитетот на Фестивалот.

„Игрите без граници и каприците мора да завршат и некој треба да сфати дека сѐ уште го доведува во прашање одржувањето на ова 38. издание, ние не сакаме да дозволиме такво нешто да се случи, но апелирам, во името на културата што ја градиме во Македонија со овој, еден од најрепрезентативните фестивали, одговорните инстанци да не се играат со неговата репутација“, додаде Куновски.

Насков апелираше и до медиумите, во насока на расветлување на вистината, да истражат како е регистрирано новото здружение што аплицирало до Агенцијата за организирање на фестивалот и дали тоа го направило со знаење на Советот на Општина Битола.

На прес-конференција беше презентирана статуетата на „Златната камера 300“ за животно дело, која ја изработи скулпторот Димитар Филиповски.

Ѓузепе Ротуно е роден 1923 година во Рим. Како родоначалник на повоениот италијански филм кој се надоврзува на италијанскиот неореализам, Ротуно има снимено дузина антологиски филмови, пред сѐ, на италијанската кинематографија и во прв ред со најголемата и најефектна тандемска соработка со режисерскиот великан Федерико Фелини.

Нивни заеднички остварувања се: „Амаркорд“ (1973) нивно ремек дело за кое освоија Оскар за најдобар странски филм, носталгично автобиографско навраќање во родниот град на Фелини – Римини. Тој заедно со сограѓанинот и голем сценарист Тонино Гуерра го напиша сценариото, а Ротуно создаде маестрална визуелна атмосфера.

Со Фелини претходно го снимија „Фелини сатирикон“ (1969), па „Казанова на Фелини“ (1976), „Проба на оркестарот“ (1978), „Градот на жените“ (1980), потоа „Бродот плови“ (1983). Во 1996 година со творецот на италијанскиот нео хорор-саспенс, режисерот Дарио Аргенто, Ротуно го сними филмот „Стендаловиот синдром“.

Својата прва повоена соработка со истакнат италијански режисер, Ротуно ја има во 1955 година со филмот „Скандал во Соренто“ во режија на Дино Риси. Потоа, во тој ран период, две години подоцна, во 1957 година го снима „Бели ноќи“ на Лукино Висконти, со кого во 1960 и во 1963 година ќе ги сними и неговите други два антологиски филма: „Роко и неговите браќа“ и „Леопард“. А претходно во 1959 година го снима, исто така, антологискиот филм „Големата војна“, на уште еден режисер великан Марио Моничели, со големиот актерски тандем; Гасман – Сорди.

Со странските истакнати режисери, Ротуно исто така има бележита соработка, работејќи како кинематографер на исклучително значајни дела на светската кинематографија: „Carnal knowledge“ (1971) и „Волк“ (1994) на Мајк Николс, па лауреатскиот „Авантурите на Барон Минхаузен“ на монтипајтоновецот Тери Гилијам. Негов кинематограферски врв со истакнат странски режисер е наградениот со Оскар, „Сиот тој џез“ на режисерот Боб Фос.

„Ѓузепе Ротуно заради неговата возраст од 94 години нема да може физички да биде присутен во Битола да ја прими наградата ’Голема Златна Камера 300‘ за животно дело, затоа ќе му ја предадеме во Рим во неговиот дом, каде што живее со својата драга сопруга“, рече Благоја Куновски – Доре, директор на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“.

Мотото на новото издание на фестивалот „Браќа Манаки“ е „Movie on, touch the light! Touch Bitola!“.