ИМАГО е европска федерација на кинематограферите, која всушност е асоцијација на сите светски здруженија на филмските професионалци, во најновиот каталог за 2017 година ја вклучи и Македонија, под уставното име, како членка на оваа влијателна асоцијација. Главна цел на работата на ИМАГО се промоцијата и заштитата на техничките и уметничките вредности на кинематограферската професија.
Денес, оваа федерација брои околу 50 членки, национални асоцијациии на филмски професионалци, со повеќе од 4000 членови од сите делови на светот.
ИФФК „Браќа Манаки“ има повеќегодишна плодна соработка со оваа влијателна кинематограферска асоцијација., со оглед на фактот што овој најголем македонски филмски фестивал, како прв и најстар во светот, ги вреднува високите уметнички достигнувања на кинематограферската креација. За имињата што биле гости и добитници на највисоките награди на фестивалот „Браќа Манаки“ сведочи и Клубот на великаните на фестивалот, односно добитниците на Златна камера 300 за животно дело, вбројува кинематограферски имиња кои снимале филмови кои ja чинат антологијата на светската седма уметност: Sven Nykvist, Fredie Franscis, Jerzy Wojcik, Miroslav Ondricek, Tonnino Delli Colli, Vittorio Storaro, Dante Spinotti, Walter Carvalho, Raoul Coutard, Vadim Ivanovic Jusov, Peter Suschitzky, Luciano Tovoli, Billy Williams, Vilmos Zsigmond, Michael Ballhaus, Jose Luis Alcaine, Chris Menges, Jaromis Sofr, Robby Mueller и John Seale и други.
Во рамки на последното, 37-то издание на фестивалот „Браќа Манаки“ беше одржан и Конгресот на ИМАГО, за што во октомврискиот број/2016, на угледното британско стручно списание „British Cinematographer“, одразувајќи го своето и мислењето на над 50 присутни светски делегати кинематографери во Битола, во текстот на две страници и со шест фотографии, новоизбраниот претседател на светската федерација на ИМАГО, Пол Рене Рестад, пишува под насловот: Собрани одново заедно/ Getting together again, потенцирајќи во поднасловот : “Имаго имаше успешно годишно Собрание во Битола, Македонија, организирано во текот на големиот Фестивал на светските кинематографери Браќа Манаки ”/“Imago had a successful Annual General Assembly in Bitola, Macedonia, arranged during the great Manaki Brothers Cinematographers Festival…”.
Со досегашното реноме на ИФФК Браќа Манаки, кој постои 37 години, а особено во последните над 25 години, откако тој стана интернационален, се вградени исклучителни напори на ДФРМ како основач и оранизатор со неговото членство, особено личните контакти на директорите и на селекторите на фестивалот „Браќа Манаки“, за да прерасне во еден од најзначајните фестивали во светот посветен на креативноста на кинематограерите.
Тенденциозната и проsирна ad-hoc појава на паралелна организација како што е „Центар за филм – Битола“, составeна од партиски протежеа, кои сакаат преку лов во матно да го преземат фестивалот, автоматски се руши поради својата манипулаторска природа и е демантирана од ноторните факти дека-ДФРМ е иницијатор/основач и организатор на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, кој не е сопственост ниту на владата, ниту на поединци, ниту на Агенцијата за филм , туку на сите граѓани на Македонија, во чиј интерес е да се градат културни вредности од висок ранг, при што натрапништвото на групата предводена од Димитар Николов Таки, е непотребна опасност да се наштети на интернационалното, тешко стекнато долгогодишно реноме на фестивалот.
Многу пати е повторено дека културата е најдобар претставник на една држава, дека филмот како најпопуларна уметност е всушност најголем амбасадор на секоја држава и национална култура, а со фестивалот Браќа Манаки се успеа токму тоа – тој да стане висок интернационален репрезент на културата и на светските уметничките достигнувања, иако поткенува од една мала земја. Вештачки измислениот проблем, подгреан од хипокритското и партиски обоено навивачко однесување на првиот човек-директорката на Агенцијата за филм која испрати два спорни дописа со непотребно наметнати внатрешни турбуленции предизвикани од обидот за насилно преземање, ја наметнува потребата за итно потврдување од страна на Агенцијата и нејзините тела, Советот и Управниот одбор, дека ДФРМ како основач треба да продолжи со организацијата на ИФФК Браќа Манаки.
Зашто, ако навреме не се прекине сета оваа политикантска конструкција поткрепена со вештачки документ од актуелниот градоначалник на Битола, без знаење на Советот на општината ќе има последици врз сето она што е досега постигнато. Со намерите на здружението предводено од Димитар Николовски Таки се прекинува традицијата и досегашниот континуитет во развојот на фестивалот и престижните интернационални резултати што ги постигнал за промоција и афирмација на државата и културата.
Во најновиот каталог на ИМАГО за 2017 година вклучена е адресата на ДФРМ со македонското државно знаме и уставното име, како директен партнер на ИМАГО и наброени се и кинемаограферите-членови на Друштвото на филмските работници на Македонија.
Па, така, нејасно би било, како новоформираното здружение „Центар за култура – Битола“ и со каква професионална компетентност планира да соработува со оваа светска влијателна асоцијација, ако има намера да го одземе фестивалот токму од оние што се директно засегнати за неговиот успех и развој – а тоа се кинематограферите со својата секција во рамките на ДФРМ, Македонското Имаго, заедно со сите професионално докажани филмски работници на Македонија.